Заврши изградбата на патот до времената депонија
Изградбата на патот до Времената депонија кај Ново Конско е веќе завршена.
Според договорот со изведувачот патот е тампониран со што се обезбедени услови за непречено движее на возилата на ЈПКД„Комуналец“ за транспортирање на отпадот до депонијата. За реализација на проектот од страна на Меѓународната агенција за мигранти (ИОМ), беа донирани 140.000 евра, а беше распишан и тендерот за изведба.
Времената депонија со електрична струја ќе се напојува преку фотоволтаични панели. Поради тоа општина Гевгелија распиша јавен повик за изработка на проект и избор на изведувач на фотоволтаични панели и постапката за избор на најповолната понуда е во тек.. Паралелно ЈПКД„Комуналец“ веќе работи на инсталирањето на водоводната линија за депонијата. Овие активности треба да бидат завршени до крајот на февруари годинава.
Веднаш потоа започнува дислокацијата на старата депонија и нејзина ревитализација. За таа цел веќе е изработен проект и обезбедени 420.000 евра од преостанатите средства на грчкиот грант, кои беа наменети за Пречистителната станица. По дислокацијата на старата депонија кај Сува река, согласно изготвениот елаборат за рехабилитација на просторот, ќе биде изграден заштитен зид на Сува река, се предвидува целосно расчистување на депонијата, покривање на комуналниот отпад и уредување на зелена површина. Според градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков се очекува ревитализацијата на старата депонија да започне во март месец годинава.