Трето место за ракометарките на ЖРК „Гевгелија“, а Јасмина Попова најдобар стрелец на Меѓународниот турнир во Инџија
Трето место го освоија ракометарките на ЖРК „Гевгелија“
на Меѓународниот женски турнир во ракомет „Куп на пријателството 2020 г, во Инџија, Република Србија. За домаќинството се погрижија Ракометниот сојуз на Србија и Војводина, Сојузот на спорт на општина Инџија и претседателот на општина Инџија, Владимир Гак.
На овој турнир кој за првпат беше организиран во Инџија, нашите ракометарки учествуваа со женски ракометни екипи од збратимените градови од Србија, Македонија и Босна и Херцеговина: ЖРК „Гевгелија“, ЖРК „Турбина“ од Јабланица, ЖРК „Младост“ од Нова Пазова и ЖРК „Железничар“ од Инџија.
На листата за најдобри стрелци се запиша нашата гевгеличанка, Јасмина Попова, за што беше наградена.
Г-динот Гак им се заблагодари на збратимените општини за учеството на овој Меѓународен турнир и ја поздрави оваа иницијатива со која се создаваат услови за проширување на соработката на спортски план.
Инџија и Гевгелија веќе имаат редовни гостувања на културно-уметничките друштва и фолклорни ансамбли како „Танец“ и „Бојмија“.
Ракометарките од Гевгелија дома се вратија почестени од убавата натпреварувачка атмосфера, од другарувањето со останатите ракометарки од збратимените општини и од прекрасното гостопримство на домаќините од општина Инџија.