Светско признание за хуманизам на академик Георги Старделов
Академик Георги Старделов, е првиот македонец,
на кој во Охрид му беше врачена Светската награда за хуманизам. Во кругот на одбраните 14 светски великани, добитници на Светската награда захуманизам, влезе и академик Георги Старделов. Високото светско признание што го доделува Охридската Академија на хуманизмот, во куќа Уранија (МАНУ) во Охрид, на пригодна свеченост, му го врачи градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.
На свеченоста присуствуваа претседателот на МАНУ, академик, Љупчо Коцарев, потоа академик Вера Грозданова Битракова, како и бројни претставници на научниот, културниот и политичкиот живот од земјата и светот.
„Исклучително сум почестен што Охридската академија на хуманизмот го вброи моето име на оваа светска награда со огромен престиж што досега била доделена на личности кои оставиле длабоки траги во светската историја на хуманизмот“. „Човештвото бара нова биоетика и нова биофизија. Како да излеземе од границите на нашето време, би кажал Едгар Морен. Светот мора да се пробуди, додека не биде доцна, да му се вратиме на учењето на еден од светските великани Мартин Лутер Кинг: темнината не може да се победи со темнина, туку само со светлина, ниту пак омразата може да се побнеди со омраза, туку само со љубов и сакање.“, напомена Старделов.
Тој е роден во 1930 г. во Гевгелија. Дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет во Белград. Докторирал на Филозофскиот факултет во 1965 г. Бил професор на Филозофскиот факултет, претседател на Друштвото на писателите на Македонија и македонскиот ПЕН центар, почесен член е на Асоцијацијата на шпанските писатели и на МАНУ. Старделов е плоден научен работник во повеќе дисциплини (филозофија, историја, естетика, теорија и социологија на културата и уметноста, историја на литературата.