Меѓународна работилница за подготовка на националната и локалната администрација за користење на ИПАРД мерките
Во Гевгелија денес започна со работа дводневната меѓународна
конференција за поддршка и подготовка на националната и локалната администрација, како и Локалните акциони групи за користење на новите мерки на ИПАРД програмата. На овој значаен собир во хотел „Рамада Плаза“ присуствуваат претставници на Европската комисија, на на националното тело за управување со ИПАРД програмата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ИПАРД агенциите, канцеларијата за поддршка на НАО, локалните јавни власти, членовите на постојните ЛАГ и други здруженија.
Работилницата ја отвори раководителот на управниот орган за управување со ИПАРД програмата при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Живко Брајковски, кој нагласи дека ресорното министерство и Владата на Република Северна Македонија имаат големи очекувања од оваа работилница. Бидејќи во нашата земја веќе неколку години се спроведува мерката Техничка помош во рамките на ИПАРД, но малку средства беа апсорбирани според оваа мерка. Особено, сега кога претстои воведување на новата ИПАРД мерка LEADER.
-Ми причинува посебно задоволство што денешната работилница се одржува во нашиот град, бидејќи тоа е убава можност директно да се запознаеме со можностите за искористување на европските фондови. Затоа, дозволете ми да Ве поздравам и да Ви посакам успешна работа. За нас како општина една ваква работилница е посебно значајна, и покрај искуствата и проектите реализирани преку ИПАРД програмата, другите европски фондови, како и формирањето на Локалната акциона група Бојмија од страна на трите општини во овој регион - Гевгелија, Богданци и Дојран. Пред се, за оспособување на локалната администрација за поголема искористеност на европските програми, посебно Програмата на ЕУ за рурален развој, рече градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков на отворањето на работилницата.
Програмскиот менаџер Ана Новак објаснувајќи ги целите на работилницата рече дека целта на оваа работилница е да и се обезбеди на администрацијата од Северна Македонија - локална и владина, насоки како да се користат фондови за техничка помош за зајакнување на капацитетите на руралните здруженија за воспоставување ЛАГ и изготвување на Локални развојни стратегии, за да бидат подготвени подоцна за аплицирање за LEADER мерката под ИПАРД.
Експерти од Полска, Хрватска, Турција, Словенија во рамките на конференцијата ќе ги изнесат искуствата за спроведувањето на LEADER мерката во рамките на ИПАРД програмата, обезбедување информации за подобни активности, расходи, содржина на Локалните стратегии за развој. Притоа, беше нагласено дека работилницата ќе понуди можности за соработка за ЛАГ од Северна Македонија со ЛАГ на ЕУ што може да се финансира од Програмите на ЕУ за рурален развој.