Извршен технички прием на патот до времената депонија
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, денес направи обиколка на патот
до Времената депонија кај Ново Конско која веќе завршена, а извршен е и технички прием. Притоа, изјави дека според договорот со изведувачот, патот е тампониран со што се обезбедени услови за непречено движење на возилата на ЈПКД „Комуналец“ за транспортирање на отпадот до депонијата. За реализација на проектот од страна на Меѓународната агенција за мигранти (ИОМ), беа донирани 140.000 евра, поради што градоначалникот Поцков изрази благодарност до донаторот.
Времената депонија со електрична струја ќе се напојува преку фотоволтаични панели. Поради тоа, општина Гевгелија распиша јавен повик за изработка на проект и избор на изведувач на фотоволтаични панели и постапката за избор на најповолната понуда е во тек. Паралелно ЈПКД„Комуналец“ веќе работи на инсталирањето на водоводната линија за депонијата. Овие активности треба да бидат завршени до крајот на февруари годинава бидејќи веднаш потоа започнува дислокацијата на старата депонија и нејзина ревитализација, нагласи Поцков.
За таа цел веќе е изработен проект и обезбедени 420.000 евра од преостанатите средства на грчкиот грант кои беа наменети за Пречистителната станица. По дислокацијата на старата депонија кај Сува Река, согласно изготвениот елаборат за рехабилитација на просторот, ќе биде изграден заштитен ѕид на Сува Река, се предвидува целосно расчистување на депонијата, покривање на комуналниот отпад и уредување на зелена површина. Според градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, се очекува ревитализацијата на старата депонија да започне во март месец годинава.