Водовод и канализација за жителите на Караорман кои веќе платиле комунален надомест
Како што ветив на средбите со сопствениците на станбени објекти во населбата Караорман,
изградбата на водоводната и канализационата линија на улиците веќе е во тек. Со тоа се исправа една неправда бидејќи овие наши сограѓани не можеа да се вселат во новоизградените домови поради немањето на водоводен и канализационен приклучок. Иако, платиле за комуналии пред почетокот на градбата на своите куќи, изјави градоначалникот Сашо Поцков при обиколката на пумпната станица на Караорман, со цел да се обезбеди потисен систем за водоводната мрежа која ги покрива сите три улици, од кои дел се значително повисоко.
Вредноста на целиот зафат чини 3.028.246 денари, од кои 1.735.016 денари се Грант добиен преку проектот Подобрување на општинските услуги (МСИП). Додека 1.293.230 денари се сопствено учество на општина Гевгелија. Со проектот се обезбедува водоводен приклучок за сите изградени и куќите што допрва ќе се градат на улиците „Галилео Галилеј”, „Апостол Петков” и „Павел Шатев”. Бидејќи сите сопственици и инвеститори веќе платиле комунален надомест.
- Паралелно со изградбата на водоводната мрежа за дел од овие улици се гради и канализациона линија, така што ќе бидат обезбедени сите комунални услови на овој дел од станбената населба Караорман. Вредноста на овој проект е 4.501.176 денари, од кои 4.173.571 денари се Грант обезбедени преку Проектот за подобрување на општинските услуви (МСИП), додека 327.605 денари се сопствено учество. Изведувач е скопската фирма „Енергоинвест“ која имаше најповолна понуда на јавниот повик, која пак ја ангажира гевгелиската компанија „Обнова“ за изведба на теренските работи, изјави Сашо Поцков нагласувајќи дека по почетната канализациона линија и поставените шахти, етапно ќе се гради канализација и на преостанатите делови од овие улици.
Во оваа прилика градоначалникот на општина Гевгелија информираше дека продолжуваат изведбените работи на атмосферската канализација на улицата „Индустриска“ во стопанската зона на влезот од Гевгелија. На дел од оваа улица, како и на дел од новопланираната сервисна улица бр.5 веќе се поставува канализационата линија за атмосферски води. Со тоа се решава еден од најгорливите проблеми на стопанските објекти кои се поплавуваа при секој пообилен дожд. Изградбата на атмосферска канализација чини 3.028.246 денари, од кои 1.735.016 денари се Грант добиен преку проектот Подобрување на општинските услуги (МСИП), додека 1.293.230 денари се сопствено учество на општина Гевгелија.