Гевгелиски искуства од бегалската криза пренесени на Меѓународна конференција во Шпанија
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков и претседателот на Советот на општина Гевгелија,
Тодор Ристо, учествуваат на 5 Меѓународна конференција за споделување на искуства во врска со бегалците. На конференцијата учествуваат претставници на општините и невладините организации од шест европски земји: oпштина Пеонија – Грција, општина Бриндизи – Италија, општина Виатор – Шпанија, Совет на општина Свиеги – Малта, Здружение „Варна - Европска младинска престолнина” – Бугарија, Здружение „Цивитас Солис“ од Рочела Јоника – Италија, Младински клуб на УНЕСКО од Солун - Грција и Здружение „Фабрика“ од Свиеги, Малта.
Конференцијата се одржува во рамките на проектот „EUBorCo” кој е дел од европската програма „Европа за граѓаните“, чиј носител е општина Пеонија, Република Грција. Општина Гевгелија, заедно со Фондацијата за локален економски развој и информатичка технологија од Гевгелија, стана дел од проектниот тим што го реализира проектот за споделување на искуствата од мигрантската криза. Досега се одржани четири конференции во: Италија, Малта и Грција, од кои една и во Гевгелија во ноември 2019 година.
- Бегалската криза беше голем предизвик за општина Гевгелија бидејќи за една и пол година низ нејзината територија поминаа 800.000 мигранти – бројка што сама по себе зборува за последиците од бегалската криза во една мала општина, каква што е Гевгелија .По затворањето на балканската рута, во Прифатниот центар за транзит на мигрантите кај Гевгелија кој и натаму е отворен, само повремено и кратко престојуваат мал број на мигранти. Меѓутоа, на територијата на општината и натаму се случуваат инцидентни илегални преминувања на мигранти од грчка територија. Според информациите од МВР во просек дневно се спречуваат и до 100 обиди за илегален влез во Македонија. Значајна улога во тоа, покрај пограничната полиција на Република Севрна Македонија има и европската полиција, посебно контингентите на полицајци од: Полска, Австрија, Чешка, Словенија, Хрватска кои континуирано продолжуваат да ја обезбедуваат границата од бегалската криза до денес, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, обраќајќи се на конференцијата. Притоа, нагласи дека за време на бегалската остварена е успешна соработка меѓу пограничните служби од Република Грција и Република Северна Македонија околу протокот на мигранти преку границата и железничкиот транспорт, без разлика на тогашните билатерални односи меѓу двете земји. Исто така, и меѓу локалните власти, во прв ред, општините Гевгелија и Пеонија, имавме редовна и успешна соработка.
Градоначалникот Поцков и претседателот Тодор Ристов ја посетија и општина Виатор која е дел од големиот градски центар на Андалузија Алмерија. Притоа, остварија средба со претставниците на оваа општина која е домаќин на Петтата конференција.