Шпански искуства во кооперативното работење
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков и претседателот на Советот на општина Гевгелија,
Тодор Ристов, покрај средбите во општина Виатор, на југот од шпанската област Андалузија и размената на искуства реализирани во рамките на европскиот проект „Европски гранични заедници“, имаа можност да разменат искуства со градоначалникот Мануел Хезус Флорес за развојот на општина Виатор, која е дел од Алмериа. Станува збор за некогаш најсиромашната шпанска провинција која се вброи меѓу најбогатите и најпродуктивните во Европа. Економско чудо што за неколку децении ја претвори неразвиената територија, карактеристична по долготрајните суши, во земјоделски регион со над 3,4 милиони тони овошје и зеленчук годишно, од кои најголемиот дел се извезуваат и вкупен обрт од над 2,5 милијарди евра.
Гостите од Република Северна Македонија, како и од: Грција, Италија, Малта ја посетија кооперативната група „Уника“, каде што на средбата со претседателот Хозе Мартинез, беа запознаени со работењето на дистрибутивниот центар Козур. Во центарот се прифаќа целиот ран зеленчук од кооперантите, во прв ред, органски домати кои што од страна на 700 вработени се подготвуваат за извоз. Кооперативното работење во Виатор се користи и во непрофитната заедница за управување со водите „la Cuatro Vegas de Almeria“, каде што со пречистените отпадни води, наместо да завршуваат во морето, се наводнуваат земјоделските површини на над 1200 земјоделски производители.
Токму раноградинарското производство и кооперативното работење беше добра можност градоначалниците Сашо Поцков и Мануел Хезус Форес да разменат искуства и разговараат за идната соработка. Особено, што и во двете општини доматите се доминантно раноградинарско производство, додека пак од инфраструктурните зафати и во двете општини функционираат прoчистителни станици. Со тоа што прoчистените отпадни води во Гевгелија се слеваат во реката Вардар, додека во Виатор се користат за наводнување. Комуните во шпанскиот град Алмеира, исто така, претставуваа значаен чекор напред во функционирањето на кооперативното работење.