Aлександра Кочева - нов член на Советот на Општина Гевгелија
Александра Кочева, од советничката листа на СДСМ, е нов член на Советот
на Општина Гевгелија. Изборот беше извршен по верификацијата на нејзиниот мандат на денешната седница на Советот на Општина Гевгелија и тоа по констатираниот престанок на мандатот Петар Јанчев, советник од советничката група на СДСМ, поради поднесената оставка. Новиот член на Советот на Општина Гевгелија, Александра Кочева, беше следна на советничката листа на СДСМ.
Покрај ова на 41 Седница на Советот на Општина Гевгелија беа усвоени Програмите за финансирање на програмите и проектите од областа на културата од интерес на општина Гевгелија за 2020 година, за финансирање на спортските активности во општина Гевгелија за 2020 година, за финансирање на проекти, манифестации и значајни настани на месните заедници во општина Гевгелија за 2020 година, за финансиска поддршка на НВО секторот од општина Гевгелија за организирање програмски активности во 2020 година, како и Програмата за активностите во областа на социјалната заштита во општина Гевгелија за 2020 година,
Советот на Општина Гевгелија беше запознаен со Годишниот извештај за остварувањето на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во општина Гевгелија за 2019 година, според кој до општината биле поднесени 22 барања за слободен пристап на информации и сите биле одговорени.
Исто така, ги усвои измената на Годишниот план за вработување во општина Гевгелија за 2020 година за дополнително вработување на двајца пожарникари, а даде согласност на измените и дополнувањата на Годишниот план за вработување на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија за 2020 година. На седницата беше дадена и согласност на одлуката за измена и за дополнување на Одлуката за утврдување на цена за прочистување на отпадни води на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија за 2018 година.
Советот на Општината донесе Одлука за организирање и дефинирање на условите за доставување на стока на подрачјето на општина Гевгелија, како и одлука за давање на времено користење на Народниот театар во Гевгелија на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија. Советниците расправаа и донесоа и неколку други решенија, а донесе Одлука во иднина Спортското игралиште на улица „7 Ноември“ во Гевгелија (Серменинска мала) да се вика „Елена Костадинова“. Со тоа беше прифатена иницијативата на група ученички од СОУ„Јосиф Јосифовски“ игралиштето да го носи името на прерано починатата ученичка, Елена Костадинова.