Oд Општинскиот буџет со 4 милиони денари ќе бидат поддржани културните манифестации
Советот на Општина Гевгелија ја усвои Програмата за финансирање на програми
и проекти од областа на културата од интерес на општина Гевгелија за 2020 година. Oваа година, Општина Гевгелија со буџет од 4.000.000 денари ќе поддржи 36 културни програми, проекти и манифестации за кои аплицираа повеќе здруженија на граѓани, културни институции и невладини организации.
И, оваа година Општината финансиски ќе ги поддржи гевгелиските брендирани културни манифестации како: „Смоквијада“, „Меѓународен натпревар за млади пијанисти“, „Распеана чаршија“, „СВР ФЕСТ“, „БОШ ФЕСТУВАЛ“, активностите на Градскиот мешан хор „Гортинија“ и Фолклорните уметнички друштва. Општински пари ќе бидат издовени и за детски музички фестивали, театарски претстави, самостојни изложби на ликовни уметници, мултимедијални општински, државни и интернационални фестивали и сл.
Годинава во општина Гевгелија, за првпат ќе бидат организирани: Интернационален фестивал „АртФест“- Гевгелија, Летен фестивал „Ѕуница“, Фестивал на поетска фузија „Зорници“ кои ќе бидат поддржани од Oпштинскиот буџет.
Со оваа Програма која опфаќа квалитетни, оригинални и разновидни културни содржини се дефинираат целите кои ќе придонесат за културен развој и побогат културен живот во oпштина Гевгелија за 2020 година.