Домот на културата се сели во Народниот театар
На последната Седница, Советот на Општина Гевгелија донесе Одлука
за давање на времено користење на Народниот театар во сопственост на Општина Гевгелија на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија. Домот на култура „Македонија“ е институција од областа на културата која првично беше сместена во просториите на некогашното Кино „Култура“. Поради враќањето на законските наследници на поранешните сопственици со денационализацијата, Домот беше иселен и преместен во просториите на ЈОУ Пионерски дом со Одлука за давање на користење на дел од објектот Пионерски дом на Дом на култура од страна на Советот на Општина Гевгелија во 2014 година.
- Идејата е Народниот театар од Гевгелија да стане една сериозна институција во која ќе се одвива уште побогат културно-уметнички живот во општината. Во него и до сега се одржуваа театарски, кино-претстави и други културни активности, а своите проби во неговите простории ги одржуваа голем број Културно-уметнички друштва и Здруженија на граѓани од областа на културата. Со ставањето „под капа“ на Домот на културата „Македонија“, се отвораат можности за зголемување на приходите од самофинансирањето на Домот на културата, како и поголема креативност во организирањето на културните активности во Народниот театар, изјави градоначалникот Сашо Поцков.