Одбележан денот на лозарите - Св. Трифун
Свети Трифун - Денот на лозарите и
годинава во општина Гевгелија беше одбележан со повеќе манифестации и свечености на лозовите плантажи. Централниот настан се случи во црквата „Св.Петка“ во Прдејци, каде што по традиција, се одржува црковна литургија, по што следува закројување на лозјето во дворот на црквата.
На свеченоста присуствуваа голем број верници и гости, меѓу кои и градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков и претседателот на Советот на општина Гевгелија Тодор Ристов. Годинашен кум на манифестацијата е Марјан Купанов, кој по традиција се избира со кршење на погача за следната година. Тој како домаќин на закројувањето на лозјето во дворот на црквата Св.Петка во Прдејци на лозарите им посака богат род во новата сезона и изрази надеж дека лозарството и во иднина ќе претставува доминантна земјоделска гранка во општината.
Градоначалникот Сашо Поцков, честитајќи им го празникот на верниците и лозарите, посака богат род на лозовите плантажи во општината и изрази надеж дека сегашниот тренд на модернизирано производство на грозје според европски стандарди ќе продолжи и понатаму. Бидејќи тоа е главен предуслов за пласман на грозјето на европскиот пазар, чии врати со претстојното одредување на датум за преговори на нашата земја со ЕУ, ќе бидат значително поотворени. Во таа насока се и поставените три агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина на територијата на нашата општина. Една станица е поставена во околината на Прдејци и е наменета за производителите на бостан, а една е поставена на лозовите плантажи на „Ригоимпекс“ и е наменета за одгледувачите на лозја. На тој начин на сите производители на грозје и бостан им се обезбедуваат навремени и квалитетни информации за заштита на посевите, рече Сашо Поцков.
Закројување со пригодни дружења на лозарите денес се одржаа на лозовите плантажи на „Ригоимпекс“, најголемиот производител на винско грозје и на наливно вино, како и на лозовите плантажи на „Витториа Грапс“, најголемиот производител и извозник на трпезно грозје во овој регион. Исто така, закројување имаше и на другите лозови плантажи во општината. На лозовите насади во Општината, застапени на 1.000 хектари, годишно се произведуваат над 18.00 трпезното грозје, од кое најголемиот дел се извезува, а плантажите се прошируваат. Исто така и винските сорти на грозје се традиционално застапени, со воведување на нови сорти. Општината располага со капацитет за производство на 15 милиони литри наливно вино годишно кои целосно се извезуваат.