Определени зоните и организаторот на зонското паркирање
Советот на Општина Гевгелија на денешната седница, со мнозинство гласови,
ја донесе Одлуката за определување на зоните за зонско паркирање во Гевгелија, со која што се отвора постапката за воведување на зонско паркирање во градот. Како што стои и во образложение на Одлуката, интенција на Општина Гевгелија е да се стави поголем ред во одвивањето на сообраќајот во Гевгелија. Зонското паркирање според според светските трендови, но и домашните искуства е најприфатливото решение за и начинот на регулирање на сообраќајот во градовите, пред сѐ, преку редуцирање на сообраќајното движење во централното градско подрачје.
Тргнувајќи од ваквата заложба, Општина Гевгелија постапувајќи според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, преку јавна набавка ангажира проектантска фирма која понуди најповолна понуда за изработка на Проект за сообраќајниот режим за зонско паркирање во Гевгелија. Проектот, на двапати, беше разгледуван од Општискиот совет за безбедност на сообраќајот, а во меѓувреме беше организирана и јавна презентација. На јавната презентација од страна на граѓаните беше поддржана иницијативата за воведување на зонско паркирање со нагласено барање да се воведе ред во паркирањето, посебно во центарот на градот. Притоа, беа дадени корисни и интересни предлози за поефикасно уредување на зонското паркирање, а беше нагласена и потребата од поголема соработка на сообраќајната полиција со операторот. На веб- страната на Општина Гевгелија во тек е јавната анкета за проектот за зонско паркирање.
Со одлуката на Советот на Општина Гевгелија, всушност, се определуваат јавните паркиралишта и другите јавни површини на подрачјето на град Гевгелија на кои согласно Основниот сообраќаен проект за режим на сообраќај за зонско паркирање во Општина Гевгелија, ќе се применува системот на зонско паркирање и тоа во 3 зони. Првата црвена зона „А“ е ограничувачка и треба да влијае дестимулирачки за долготрајно паркирање во центарот на градот, појасни проектантот. Ограничувачката зона ги опфаќа улиците „7 Ноември“ од Амамот до крстосницата со улиците „Маршал Тито“ и „Димитар Влахов“ без паркингот пред „Стопанска банка“, улицата „Димитар Влахов“ до крстосницата со „Јосиф Јосифовски“ и „Ристо Фршинин“, улицата „Маршал Тито“, од крстосница со „Ѓорѓи Велков“ до крстосница со улиците „7 Ноември“ и „Димитар Влахов“, како и од Библиотека до крстосницата со улиците „Таља Бикова“ и „Мирче Ацев“ и улицата „Гевгелиски партизански одреди“ (освен паркинг пред СОУ „Ј.Јосифовски“).
Втората жолта зона „Б“ го опфаќа подрачјето помеѓу границата со зоната „А“ до улиците „Кирил и Методи“, „Борис Карпузов“, „Ристо Фаршинин“, „Јосиф Јосифовски“ до спортска сала „Партизан“, „Гевгелиски партизански одреди“ и паркингот пред СОУ „Ј.Јосифовски“, „С.М. Данко“ до крстосницата со улица „Борис Кидрич“, ЉРадован Ковачевиќ“ до крстосницата со улица „Деко Ковачев“, „Булевар Гевгелија“ до семафорите на крстосницата со улица „Деко Ковачев“. Во оваа зона паркирањето не е ограничено и ќе се наплаќа, а тука влегуваат јавните површини наменети за паркирање кај Библиотека „Гоце Делчев“ и кај Спортска сала „26 Април“.
Во третата зелена зона „Ц“ влегува преостанатиот дел од територијата на Гевгелија, односно улицата „Ѓорѓи Стамков“ (кај Централната детска градинка), улицата „Миле Пецанов“ (Градски пазар), Булеварот „Гевгелија“ (од семафори до кружен тек), улицата „Гоце Делчев“ и другите јавни површини кои не влегуваат во претходно наведените зони.
Согласно веќе донесената Одлука за стопанисување со јавните паркиралишта во општина Гевгелија од страна на Советот на Општина Гевгелија во 2016 година, зонското паркирање ќе го организира ЈПКД „Комуналец“. Со организаторот, по законската постапка за организирање на зонското паркирање, ќе биде склучен договор за условите и начинот на организирање на зонското паркирање. Советот на Општината треба да даде согласност и на ценовникот што треба да биде предложен од страна на организаторот.
Тоа значи дека наскоро ЈПКД „Комуналец“ треба да започне тендерска постапка за набавка на софтвер и другите технички услови за примена на зонското паркирање. По ова и по конкретизирањето на условите и цените за паркирање во определените зони, Советот на Општината повторно ќе се произнесе и по дадената согласност ќе се создадат сите предуслови за примената на зонското паркирање.