Пендаровски во посета на јужната граница
Претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски,
во придружба на Славјанка Петровска, дополнителен заменик министер на МВР, денеска изврши обиколка на припадниците на Армијата стационирани на јужната граница.
„Мојата посета се случува еден ден по состанокот на Управувачкиот комитет за координација со системот за управување со кризи, на кој уште во текот на вчерашниот ден беше договорено превентивно да се зголеми бројот на припадници на Полицијата и на Армијата распоредени на јужната граница.“, изјави претседателот Пендаровски по завршувањето на обиколката на јужната граница.
„Во овој момент, притисокот од мигрантите е на грчко-турската граница и јас очекувам на 5 март кога ќе се состанат министрите за внатрешни работи на ЕУ да се разгледа целокупната ситуација што настана со пропуштањето на бегалците од страна на Турција и да се донесат соодветни мерки како евентуалниот бегалски бран да биде запрен на надворешните граници на ЕУ.“, истакна претседателот Пендаровски. Притоа, нагласувајќи дека до овој момент нема зголемување на бројката на мигранти од вообичаената за овој период, а нема никаква назнака дека во наредните денови би можело да се случи да има прилив на бран на мигранти на нашата јужна граница.
Како транзитна земја, ние сме дел од повеќето држави кои се на патот на таканаречената Балканска рута, го имаме искуството од кризата од 2015/2016 и да има евентуален голем бран на бегалци ние ќе бидеме подготвени да се справиме со таквата ситуација, се разбира заедно и со припадниците на Фронтекс, кои исто така го зголемија бројот на своите припадници на ова подрачје. Државните органи на дневна основа следат што се случува тука, имаме и на дневна основа размена со партнерските служби, практично на дневна основа има и состаноци на управувачкиот комитет во Центарот за управување со кризи каде што секоја надлежна институција има свој претставник, вклучително и кабинетот на Претседателот. Од неодамна е, според закон, активиран и новиот орган за координација на службите кои исто така имаат дневни проценки, дневни анализи. “
За време на престојот на јужната граница, претседателот Пендаровски на јужната граница го посети Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ - Гевгелија каде што се врши регистрација на мигрантите коишто во Северна Македонија влегуваат од Грција. Одговорните лица го информираа претседателот Пендаровски дека Центарот е целосно подготвен за прифаќање и привремен престој на мигранти. Во моментов во Центарот престојува само едно семејство од Авганистан. Според одговорните лица, Транзитниот центар истовремено има и хуманитарен карактер, односно згрижува луѓе со социјално-загрозен статус. Во Центарот во континуитет се присутни претставници на Црвениот крст, УНХЦР и доктори коишто им пружаат неопходна помош и поддршка на лицата коишто се привремено сместени тука.