Претстои интензивна акција за ревитализација на патната мрежа во општината
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, денес го посети Мостот на Сува Река,
на влезот во Моин, каде што во тек се изведбените работи за негова санација.
- Проблемот со Мостот се провлекуваше со години по ред и по секои пообилни врнежи и надојдени речни води, претставуваше закана за сообраќајна комуникација со селото. Барањата на граѓаните и Месната заедница од Моин за негова санација беа сосема оправдани поради што и му дадовме приоритет во реализацијата на овој проект. Целосната санација на Мостот чини 2.110.076 денари кои се обезбедени во Општинскиот буџет, а изведувач е компанијата „Еуроинг“, рече градоначалникот Поцков.
Притоа, тој најави интензивна активност за проширување и подобрување на патната мрежа во општината во наредниот период.
- Како што знаете, вчера го потпишавме меморандумот со Министерството за транспорт за изградба и рехабилитација на локалните патишта, според кој на општина Гевгелија, согласно утврдените критериуми, и се доделени 900.000 евра. Грантот ќе се користи во наредните четири години, а како приоритетен проект за реализација до крајот на годината од оваа Програма веќе ја предложивме ревитализацијата на улицата „Методија Антонов Ченто“ во Мрзенци. Потоа, со овој грант планираме да биде финиширан Заобиколниот пат околу Гевгелија, односно продолжување на Западниот булевар се до „Моински пат“, кај Динќут, со што ќе се обезбеди пренасочување на целиот товарен сообраќај од центарот на градот, изјави Сашо Поцков, градоначалник на општина Гевгелија, посочувајќи ги и размислувањата со средства од овој грант да биде проширен и постојниот пат Моин-Ново Конско.
Покрај ова, во општина Гевгелија, стартува акцијата за ревитализација на локалните улици и патишта. По завршената тендерска постапка и потпишаните договори со изведувачите, наскоро во Гевгелија ќе започне реконструкцијата и асфалтирањето на улицата „Индустриска“, како и заобиколната улица од патот Гевгелија-Негорци која минува крај поранешна фабрика „Зора“ и обезбедува сообраќајна врска со стопанските капацитети од другата страна на Мрзенски Рид. Исто така, предвиден е нов асфалт и на паркинг-просторот пред станбениот комплекс кај Детската градинка „Цветници“, како и на улицата „7 Ноември“, од Амамот до крстосницата со улица „Маршал Тито“ и „Димитар Влахов“, се до крстосницата со улицата „Ристо Фаршинин“. Асфалтирање е предвидено и на улиците во Прдејци, Давидово и Кованец, додека пак е предвидено бетонирање на повеќе помали краци и улици во Гевгелија и во другите населени места.
- Од Општинскиот буџет за изградба, реконструкција и бетонирање на улиците годинава се планирани 16 милиони денари, а договорите за реализација на овие зафати веќе се потпишани со изведувачите. Затоа, и пролетва не очекува интензивна активност за подобрување на патната инфраструктура. Но, исто така, и на комуналната инфраструктура, бидејќи покрај добиениот германски грант во износ од 2,5 милиони евра преку KFW банката, доделен ни е и грант од Министерството за транспорт и врски за изградба на нови канализациони линии и пречистителни станици. Апликацијата за нова фекална канализација во Смоквица веќе е доставена до Министерството за транспорт и врски, изјави Сашо Поцков.