Комуналната инспекција извршила 86 контроли
Комуналната инспекција во текот на 2019 година има извршено 86 контроли
за што се изготвени записници и преземени соодветни мерки согласно Законот. Врз основа на Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, заради отстранување на дефект или приклучување на водоводна и канализациона линија изготвени се 7 записници, за што се донесени 5 решенија за отстранување на неправилности и 7 заклучоци за запирање на постапката.
Од областа на јавната чистота, направени се 22 контроли за што се донесени 21 решение од кои 8 решенија за отстранување на хаварисани возила од јавната површина како и отстранување на смет, песок, шут и слично, 13 решенија за отстранување на поставена опрема или прибавување на решение од надлежниот орган на општината за вршење дејност пред деловен објект и изложена трговска стока. По извршените контролни надзори донесени се 21 заклучок за запирање на постапката. Издаден е еден прекршочен платен налог на правно лице, како и едно барање за поведување на прекршочна постапка.
Врз основа на Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на општина Гевгелија направени се 4 контроли за што се донесени 4 решенија за отстранување на ситна и крупна стока и живина од урбаната средина и исто толку решенија за запирање на постапката поради отстранување на утврдените неправилности. По Законот за урбано зеленило, изготвени се 3 записници, а донесено е едно решение и 3 заклучоци за запирање на постапката. Во областа на домувањето донесени се 7 решенија за отстранување на констатирани неправилности. Поднесени се две жалби на решение, а донесени се 5 заклучоци за запирање на постапка.