Аргументи, наместо лажни вести за работењето на Детската градинка
На вчерашниот прес, директорката на ЈОУ Детска градинка „Детска радост“- Гевгелија
и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, излегоа со аргументи во врска со пресот од страна на советникот на ВМРО ДПМНЕ,Трајче Арџанлиев, по повод наводниот скандал што се случил во Детската градинка пред четири месеци.
- Доколку се работи за настанот од 6 ноември во 2019 година кога вработената во Централната градинка движејќи се во дворот се лизнала од покриената шахта и се повредила, од наша страна веднаш беа преземени сите вообичаени мерки во врска со случајот. Од страна на трудовата инспекција по извршениот увид, во записникот е констатирано дека вработената несовесно се приближила кон шахтата која се наоѓа во дворот на Градинката и не се наоѓа во пешачка зона, a до неа не води ниту една патека за движење низ дворот. Согласно извештајот на трудовиот инспектор, Градинката беше задолжена за изготвување на елаборат за ризици од повреда на работно место што од страна на Градинката е направено.
Што се однесува до инвестициите, во изминатите неполни две години, во Детската градинка беа вложени над 13 милиони денари, изјави директорката на Градинката.
- Во врска одржаната прес-конференција од советникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ и прозивањето до градоначалникот за разрешување на директорката, најодговорно тврдам дека нема никаков скандал. Добро е што во пресот за време од двегодишното менаџирање на директорката со оваа установа и мојот мандат, се наведува како единствен скандал несовесното движење на вработениот и неговата повреда, за кои директорката постапила законски. Не произлегло нешто што се вика девијантно однесување на штета на децата, а Градинките се установи коишто треба да водат сметка за воспитување и грижа за децата, изјави градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.
Градоначалникот апелира да не се шират лажни вести бидејќи за работењето на градинката досега се разговарало неколкупати на седниците на Совет и советниците можеле да добијат одговор. Кога станува збор за критика, не бега од одговорноста ако сето тоа е поткрепено со аргументи и факти бидејќи децата се нешто најмилно на сите родители и баби и дедовци.
- Горд сум на инвестициите направени од сопствени средства, после 25 години од постоењето на Градинката, заменета е столаријата, има подобрување на хигиенско-техничките услови, а се имало и слух за отворање на детски јасли во Миравци и Негорци. Така што Градинката оди напред, а директорката ја има мојата доверба, нагласи Сашо Поцков.