Забрана за движење во сабота и недела од 16 до 5 часот
Владата на Република Северна Македонија на својата 28 седница го усвои
Записникот од Десеттиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Kорона вирус COVID-19, одржан на 25 март 2020 година. Како дел од оваа точка, на предлог на Комисијата за заразни болести, и по заклучок на Главниот координативен кризен штаб за целосна координација за спречување на внесување и ширење на Kорона вирусот COVID-19, Владата донесе Oдлука, измени и дополнувања на забраната на движење на целата територија на Република Северна Македонија за време на деновите на викендите.
Со овие измени и дополнувања забраната за движење во деновите на викендот, односно во сабота и недела, ќе започнува во 16:00 часот и ќе трае до 05:00 часот. Сите Јавни установи и приватни компании што работат за време на викенд, треба да се прилагодат на новите ограничувања за движење и да го завршат работниот процес најдоцна до 15:00 часот.