Утре акција за делење бесплатни маски во сите населени места
Општина Гевгелија во соработка со Здружението на граѓани „Чејнџмејкерс фор ол“
продолжува со акцијата за бесплатно донирање на маски на граѓаните во Гевгелија и населените места. Утре, бесплатни маски ќе се делат во населените места. За таа цел, утре од 9 до 10 ч. ќе биде поставен пунт пред спортската сала „Партизан“ (Градски стадион- Гевгелија), од каде што претседателите на Месните заедници или нивни заменици кои се известени, можат да ги подигнат пакетите со маски за своите населени места.
Во текот на утрешниот ден поради акцијата во населените места, во Гевгелија нема да се одржи акцијата, која ќе продолжи во наредните денови. Инаку, маските се донација од конфекцијата „Дока текстил“- Валандово.
Значајно е да се одбележи дека во акцијата на Општина Гевгелија за обезбедување бесплатни заштитни маски за граѓаните, се вклучи и конфекцијата „Сибо текстил“ од Миравци. Во погоните на оваа конфекција веќе се шијат заштитни маски кои ќе им бидат делени на граѓаните на Општина Гевгелија и населените места.