Сашо Поцков: Eкономските мерки реални, Општина Гевгелија ќе понуди пакет-мерки за ублажување на последиците од кризата
- - Економските мерки, посебно, вториот економски сет на Владата на Република Северна Македонија сметам дека е реален и согласно расположивите Буџетски можности. Бидејќи ние можеме да сакаме се и сешто, но во ваква состојба мора се води сметка и за капацитетот на Буџетот и можностите за натамошно задолжување. По разговорите со поголемиот број гевгелиски стопанственици, а во постојан контакт сум со сите стопанственици и им стојам на располагање, и за нив мерките се прифатливи. Бидејќи во моментот помагаат во решавањето на еден од најгорливите проблеми - обезбедувањето на минимална плата за најголемиот број на вработени во малите и средни претпријатија и другите дејности во април и мај, што значи дека во зависност од екот на кризата овие мерки ќе бидат надополнети. Во општината нема поголеми отпуштања од работа, а тоа го потврдуваат и последните податоци од Агенцијата за вработување во Гевгелија, според кои на 1 март биле пријавени 645 невработени, а еден месец подоцна, односно, до денес се евидентирани 693, рече градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, при гостувањето на ТВ Нова 12 во саботната емисија „Отворено со...“ Притоа, најави дека Општината наскоро ќе излезе со Општински пакет на мерки, кој финансиски многу нема да им помогне на фирмите, но, ќе помогне во ублажувањето на последиците.
- - Правиме анализи врз основа на кои изготвивме предлог на пакет-мерки, како што е намалување на Општинскиот данок на имот, начинот на плаќање на комуналниот надомест, натамошното плаќање и процентот на намалување на комунални такси за фирмарина и користење на јавните површини, како и другите Општински давачки. По опстојната анализа и консултации со Општинските здруженија на правни и физички лица од повеќе дејности, како и по утврдувањето на пакет-мерките, ќе излезам со предлог до Советот на Општина Гевгелија за ублажување на последиците. Дотогаш, во Одделението за локални даноци и комунални такси е запрено издавањето на Решенијата за данок на имот во 2020 година кои обично се доставуваат во овој период од годината.
- Градоначалникот на општина Гевгелија информираше дека поради настанатата состојба и намалениот прилив на Буџетски средства како приоритетни во работењето на општината, се наметнаа активностите поврзани со заштитата на здравјето на граѓаните и спроведувањето на мерките од Општинскиот кризен штаб и Владата на РСМ. Така, започнатата акција за бетонирање на улиците ќе биде завршена вклучувајќи ја и улицата до црквата во Петрово, но, асфалтирањето и изградбата на нови улици за кои веќе се потпишани договори со изведувачите, ќе бидат одложени, бидејќи и пред, а и по воведувањето на вонредната сезона, останувам на заложбата сработеното веднаш да се плати, рече Поцков нагласувајќи дека последиците од кризата допрва се очекуваат, но нема опасност и ниту обврски кои можат да го загрозат функционирањето на Општината, нагласува тој.
- Инаку, градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, во интервјуто на ТВ Нова 12, истакна дека состојбата во општина Гевгелија предизвикана од Коронавирусот е под целосна контрола, Општинскиот кризен штаб будно го следи спроведувањето на мерките на Владата на Република Северна Македонија и применува дополнителни, а граѓаните, во најголемиот број случаеви, ги почитуваат, се разбира во интерес на сопственото и општо јавно здравје.
- Градоначалникот потврди дека во Гевгелија се евидентирани 4 случаи на заболени и тоа од истото семејство, што ја помага заштитата и работата на епидемиолошките служби, посакувајќи им на заболените побрзо оздравување. Според информациите од Центарот за јавно здравје-Гевгелија досега во општина Гевгелија се тестирани 55 пациенти, врз основа на доставениот упат од матичните лекари. Од нив, 33 се негативни, а за другите, покрај четирите заразени, резултатите не се пристигнати. Во самоизолација се наоѓаат помалку од 150 граѓани во општината. Во хотел „Фламинго“, каде што е сместен државниот карантин, се сместени 80 патници кои со хуманитарните летови стигнаа во нашата земја и се во целосен карантин, под засилена контрола на припадници на полицијата, војската и здравствени работници.
- Инаку, од почетокот на воведувањето на мерките за ограничено движење во општината, 10 граѓани не ја почитувале оваа мерка и против сите од страна на ОВР-Гевгелија се поднесени пријави. Само во четвртокот навечер биле евидентирани 4 прекршители, од кои 2 не потекнуваат од општината, на регионалниот пат Смоквица-Прдејци. Што се однесува до податоците за поднесените обвиненија од страна на ОЈО, напоменувам дека се однесуваат за целиот регион, каде што е надлежноста на ова Обвинителство, рече градоначалникот Поцков, информирајќи дека од самиот почеток во Гевгелија и во населените места доследно се применуваат мерките на Општинскиот кризен штаб за дезинфекција кои во меѓувреме се надополнети. Во текот на вчерашниот ден, дежурните екипи на ЈПКД „Комуналец“ извршија по вторпат дезинфекција на сите влезови во колективните станбени згради во Гевгелија, а за првпат и во станбените влезови во населените места. Се дезинфицираат сите улици, тротоари и јавни површини на секои пет дена, а овој викенд акцијата зависи од временските услови. На двата влеза во Гевгелија, пред надвозникот и на регионалниот пат Негорци-Гевгелија поставени се дезинфекциони бариери за сите возила што влегуваат во градот, а што се однесува до барањето за поставување на дезинфекциони бариери на преминот Богородица, доставено е до Главниот координативен кризен штаб, а постапката за постапување од надлежните Државни органи е во тек, истакна градоначалникот Сашо Поцков.
- Општина Гевгелија уште на самиот почеток од пандемијата организираше Општински мобилни тимови за да им помогнат на старите и изнемоштени лица за набавка и достава на потребните артикли, а за ранливите категории на лица кои примааат гарантирана минимална парична помош, чиј број е стотина според податоците од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, им поделивме пакети со средства за лична хигиена и дезинфекциони средства. Во Гевгелија и во населените места во тек е втората акција на Општина Гевгелија за делење пакети со хранливи артикли и со средства за лична хигиена на социјално-ранливите категории - корисници на гарантирана минимална помош, корисници на Народна кујна и корисници кои искористиле право на еднократна парична помош. Општинските мобилни тимови во текот на вчерашниот ден поделија околу 70-тина пакети на исто толку социјално-ранливи категории на граѓани во Гевгелија, а во понеделник ќе бидат поделени и преостанатите 30-тина пакети за социјално-ранливите категории граѓани во населените места. Донатор на брашното и кроасаните е гевгелиската фирма „Жито Пром“, додека пак на 8000 заштитни маски, кои им беа бесплатно поделени на граѓаните, донатор беше конфекциската фабрика „Дока текстил“, рече Сашо Поцков нагласувајќи дека и други фирми изразуваат општествена одговорност.
- Градоначалникот на општина Гевгелија одговарајќи на прашањата поставени од граѓаните, а во врска со прекинатиот автобуски јавен превоз во некои населени места, најави дека надлежните инспекциски служби веднаш ќе извршат увид на теренот доколку се потврди дека некој од превозниците не врши превоз, согласно Одлуката на Советот на Општината за јавен превоз, ќе му биде одземена лиценцата и обезбеден друг превозник на овие линии. Што се однесува до зелените пазари, во Миравци зелениот пазар во петок кога е пазарен ден беше отворен, а во четврток, а по можност и во недела, ќе биде отворен и Градскиот пазар во Гевгелија. Но, ќе бидат изложени и продавани само земјоделски производи, и тоа, според сите пропишани заштитни мерки и редарска служба која ќе ја контролира нивната примена.