Обврските на фирмите кон Општината се запрени, а мерките за ублажување на последиците ќе уследат по опстојната анализа
- Се согласувам дека пандемијата од Корона вирсуот ќе има економски
последици не само за угостителите, туку и за сите стопанственици и други поединци кои обавуваат стопански дејности, поради што, покрај веќе донесените економски мерки од страна на Владата на РСМ, потребни се и општински мерки за ублажување на последиците, како што веќе реков за време на гостувањето во ТВ НОВА 12, рече градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, одговорајќи на дополнително пристигнатите прашања од граѓаните по емисијата „Отворено со...“, поточно, на прашањето дали има потреба од свикување на вонредна седница на Советот на Oпштина Гевгелија.
- Секако дека се потребни мерки за ублажување на последиците, но Општината не е е во можност, како државата, да исплаќа пари на фирмите. Тоа би значело откажување на Oпштината од сопствените приходи што во ист случај би претставувал расход за фирмите. Значајно е да се нагласи дека фирмите во општина Гевгелија во моментот немаат никакви финансиски обврски кон Општината, бидејќи решенијата по разни основи донесени со одлуки на Совет на Општината, по прогласувањето на вонредната состојба, не се испорачани до корисниците, се со цел да не создаваат обврски. Единствен начин да им се помогне на фирмите е да им се одложи или избрише обврската која ја имале минатата година, а оваа година не им е испорачана фактура за обврската. Значи, треба да се направи опстојна анализа заснована на правичност и конкретни критериуми, имајќи предвид дека не знаеме колку ќе трае оваа состојба и колкави ќе бидат последиците за економските оператори. Не можеме да носиме избрзани одлуки кои ќе бидат штетни за Општината, но и кои нема да ги опфатат сите правни и физички лица погодени со кризата. Се наметнува и прашањето што со долговите на некои од нив кои не се платени со години. Кога ќе се има поконкретни сознанија за текот и можностите за завршување на кризата, тогаш и мерките ќе бидат целосни и соодветни на потребите. Затоа, нема потреба од вондредна седница на Советот на Општина Гевгелија, туку од опстојна анализа и ефикасни мерки кои ќе им помогнат, а да не им наштетат на правните и физичките лица, односно на сите граѓани, рече градоначалникот Сашо Поцков.
Покрај ова, Градоначалникот одговори и на преостанатите пристигнати прашања од граѓаните по емисијата „Отворено со...“. На прашањето за комуналната такса за улично осветлување одговори дека сите дефекти во уличното осветлување редовно се санираат, така што нема прекин во функционирањето на уличното осветлување.
Во врска пак со прашањето за поплавување на нивите во „Чаир“ поради неканализираните атмосферски води од градот, градоначалникот Поцков нагласи дека атмосферските води се канализирани и преку одводниот канал под Железничката треба да се слеваат во поранешниот природен одводен канали кој води до реката Вардар. Меѓутоа, со години по ред одводниот канал во „Чаир“ е узурпиран од сопствениците на ниви и целосно затрупан поради што и доаѓа до поплавување на одделни површини.
- Повеќе општествено-одговорни фирми во општината понудија помош како до општина Гевгелија за обезбедување на бесплатни заштитни маски, брашно и кроасани и нивна дистрибуција, така и до Општата болница и Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија. Хотел-казино „Фламинго“ ги отстапи дoброволно своите капацитети за сместување на државниот карантин. Така, што општествено-одговорните фирми на разни начини ја потврдуваат својата подготвеност за да помогнат. - одговори Сашо Поцков на поставеното прашање.
На прашањето дали му е познато дека дел од градскиот парк кај железничката станица, кај вила Тина, е продаден на приватно лице, градоначалникот одговори: -Кога стапив на функција бев информиран дека по судски пат заради обезбедување на службеност на пат, општината била задолжена, согласно Урбанистичкиот план, да обезбеди приод до приватната куќа кој минува крај западната страна од паркот.
Тој уште еднаш потврди дека поради вонредната состојба предизвикана од Корона вирусот, изведбените работи за изградба и реконструкција на улиците, вклучувајќи ја и населбата кај Касарната, се прекинати и ќе бидат продолжени по завршувањето на мерките. Што се однесува пак до Градскиот пазар, ќе биде отворен во четврток, но според строги мерки на заштита и обезбедување.