Засилени редарски служби и контроли во градот и во излетничките места и туристичките населби
Општинскиот штаб за заштита и спасување- Гевгелија, со кој претседаваше градоначалникот
на општина Гевгелија, Сашо Поцков, на денешната седница оцени дека состојбата за спречување на внесувањето и ширењето на Корона вирус, COVID- 19 на територијата на општина Гевгелија е под целосна контрола. Истовремено, констатира дека граѓаните, со помали исклучоци, ги почитуваа мерките на Владата на РСМ и на Општинскиот штаб за заштита и спасување.
Во пресрет на велигденските празници и по најновата забрана за движење на граѓаните Општинскиот штаб за заштита и спасување ги донесе следните мерки:
1. Снабдувањето со најнеопходните прехранбени артикли и лекови, во работните денови за време на забраната за движење (во периодот од 16.00 до 05.00 часот), како и во деновите на целосна забрана за движење (од петок, 17.04.2020, во 16.00 часот, до 21.04.2020 година, во 05.00 часот) во Општина Гевгелија ќе биде организирано преку нарачка и достава од страна на економските оператори, кои го прифатија повикот на Општинскиот штаб за спасување и заштита- Гевгелија, како и дежурните аптеки, согласно распоредот утврден од Министерството за здравство на РСМ.
Екипи на вработени на економските оператори ќе ги испорачуваат нарачките по телефон на пријавената адреса за испорака, во периодот од 16.00 до 20.00 часот, во работните денови за економските оператори и од 9.00 до 16.00 часот во деновите на целосна забрана на движење.
Сите други економски оператори, продавници на прехранбени артикли, доколку сакаат да испорачуваат нарачки на прехранбени артикли онлајн, можат да се пријават на дежурниот телефон во Општина Гевгелија 072 227 158 за да бидат вклучени во доставата.
Инаку, Градскиот пазар во четврток, 16 април 2020 година, ќе работи од 9 до 14 часот.
2. Сите стари и изнемоштани лица и натаму можат да нарачат набавка и достава на прехранбени артикли и лекови во работните денови за економските оператори (од 15-17.04.2020), преку Општинските мобилни тимови, јавувајќи се на дежурните телефони, 078/348-960 и 078/423-799, во периодот од 10.00 до 15.30 часот.
Во работните денови по 16 часот и во деновите на целосна забрана на движење можат да пријават нарачки на дежурните телефони на супермаркетите и аптеките.
- Дезинфекцијата на улиците и јавни површини на територијата на Општина Гевгелија, ќе се одвива според Оперативниот план за дезинфекција на ЈПКД „Комуналец“, кој во соработка со Центарот за здравје- ПЕ Гевгелија, ќе го спроведува ЈПКД „Комуналец“ и ТППЕ- Гевгелија.
- Дозволите за движење за време на забраната и посебниот режим на движење на територијата на општина Гевгелија, на пријавените економски оператори за домашна достава на прехранбени артикли и земјоделците и сточарите, кои не се регистрирани, се регулираат преку пријави кои економските оператори и земјоделци/сточари ги доставуваат до надлежните служби во Општина Гевгелија, кои пак списокот на лицата го доставуваат до ОВР- Гевгелија.
- Општинскиот штаб за заштита и спасување донесе посебен Оперативен план за обезбедување на редарски служби, соглсно заклучокот на Владата на РСМ од 40 седница, кој ќе се спроведува во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерствто за одбрана- Армија на РСМ. Според Оперативен план ќе се обезбедат редарски служби на територијата на општина Гевгелија, пред маркетите, филијали на банки и пошти, во текот на работните денови и за време на целосната забрана за движење (од 16.04.2020 до 22.04.2020 година).
- Поради опасноста од пожари да се засили контролата од страна на ТППЕ-Гевгелија и да се подигне степенот на приправност преку формирање на дежурни екипи, кои ќе вршат посебен надзор на дивите депонии и излетничките места.
Во соработка со ЈП ШС ПЕ „Кожув“ да се засилат заедничките контроли на шумите и шумските појаси заради превентивна заштита од пожари.
Покрај ова, Општинскиот штаб апелира до црковните власти, во пресрет на велигденските празници, а до стапувањето во сила на забраната за движење, односно, во петок, 17 април 2020 година, до 16 часот, самостојно да го организираат и обезбедуваат движењето и заштитата на верниците кои ќе ги посетат црковните објекти, согласно мерките и препораките на СЗО.