Пандемијата го одложи профункционирањето на Новата и ревитализацијата на Старата депонија
Дислоцирањето на Старата депонија и профункционирањето
на Времената депонија кај Ново Конско, поради пандемијата од Корона вирусот и забавениот мониторинг, привремено се одлага. Имено, по изградбата на патот до Времената депонија на почетокот од годината беа интензивирани активностите околу профункционирањето на новата и ревитализацијата на старата депонија. По извршениот технички прием на Времената депонија, на состанокот на крајот од февруари на Градоначалникот на општина Гевгелија, со претставниците на УНДП, на ИОМ и на консултантската фирма „Холингер“ беше договорено Новата депонија да профункционира до крајот до јуни. Меѓутоа, пандемијата го одложи текот на предвидените активности, поточно, на финалните работи околу ревитализацијата на старата депонија.
Имено, доделените 400.000 евра од Владата на Република Грција за затворање на Старата депонија се веќе обезбедени и тендерската документација за избор на изведувач е подготвена. Времената депонија веќе му е предадена на ЈПКД „Комуналец“ на стопанисување, кое претпријатие треба да обезбеди техничка вода, а по завршената тендерска постапка, општина Гевгелија треба да го потпише договорот со фирмата „Елмотерм“ за набавка на фотоволтаични панели. Со тоа се обезбедени и последните предуслови за профункционирање на Времената депонија.
Но, планираните обуки на вработените во Депонијата, како и некои други предуслови за добивање на дозвола за операторот и елаборат за интегрирана дозвола од страна на Министерството за животна средина, засега се одложени. По завршената тендерска попстапка околу ревитализација на Старата депонија, се очекува работите за изградба на дополнителен заштитен зид на Сува Река, покривање на постојниот отпад на Старата депонија и уредување на целиот рпостор, повторно да бидат интензивирани. Но, најверојатно е дека профункционирањето на Времената депонија, кое паралелно ќе се одвива со ревитализацијата на Старата депонија, ќе биде одложено за наесен.