Состојбата во општина Гевгелија по Корона вирусот стабилна, граѓаните доследно ги почитуваат мерките
Општинскиот штаб за заштита и спасување, од самиот почеток на прогласувањето
на пандемијата од Корона вирусот COVID-19, континуирано ја следеше состојбата и беше во постојано заседание, информираше градоначалникот на општина Гевгелија и командант на Општинскиот штаб за заштита и спасување, Сашо Поцков, на денешната седница на Советот на Општина Гевгелија. Активностите беа насочени кон доследна примена на мерките на Владата на Република Северна Македонија и Главниот координативен кризен штаб за спречување на ширењето и внесувањето на Корона вирусот COVID-19 на територијата на општина Гевгелија. Но, и кон донесување на поконкретни препораки и мерки од страна на Општинскиот штаб, согласно увидот од теренот и укажувањата на надлежните институции. За таа цел, беа донесени Оперативен план за дезинфекција на улиците и јавни површини, Оперативен план за обезбедување на редарски служби и План на активности за помагање на стари и изнемоштени лица и ранливите категории на граѓани. Сите оперативни планови се дополнуваа согласно новите мерки на Владата на РСМ и Општинскиот штаб и доследно се спроведуваа.
- Првиот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување беше одржан на 16 март 2020 година кога беше направен увид за состојбата во општината и донесени мерки, согласно препораките и мерките на Владата на РСМ. Притоа, беше констатирано дека сите надлежни државни и општински органи целосно ги применуваат превентивните мерки, а сите угостителски објекти, игротеки, обложувалници и казина на територијата на општина Гевгелија се затворени. Општина Гевгелија уште на самиот почеток од пандемијата организираше акција за помош на старите и изнемоштени лица за набавка и достава на прехранбени артикли, средства за лична хигиена и лекови, како и наплата на месечни сметки, кои можат да ги пријават на дежурен телефон. На ранливите категории на граѓани, во прв ред, стотина корисници на гарантирана парична помош им беа поделени, во три акции, пакети со дизенфекциски и средства за лична хигиена, прехранбени артикли и јајца. Преку посебни пунктови во градот и во населените места беше организирана акција за распределба на бесплатни заштитни маски, при што беа поделени скоро 9000 заштитни маски. Оваа, како и другите акции, беа реализирани со донации од страна на општествено-одговорни компании, истакна Поцков.
Според Оперативниот план за дезинфекција во Гевгелија и во сите населени места се врши редовна дезинфекција на сите улици, тротоари и зелени површини, на сите државни и општински објекти и установи, како и други јавни површини. На двата влеза во Гевгелија, кај надвозникот и на патот Мрзенци-Негорци, поставени се дезинфекциони бариери. Оперативниот план го спроведува ЈПКД „Комуналец“ во соработка со Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија и ТППЕ- Гевгелија. Покрај задолжението за дезинфекција на возилата, на сите такси компанија и јавни превозници дополнително им беа доделени заштитни маски и ракавици и дезинфекциски средства.
По проширената забрана за движење од страна на Владата на РСМ, Општинскиот штаб за заштита и спасување, на седницата одржана на 7.04.2020 година, донесе посебни мерки за организирано снабдување и достава на прехранбени артикли од страна на економските оператори кои се пријавија на повикот на Општинскиот штаб. Продолжи и акцијата за набавка и достава на прехранбени артикли и лекови за старите и изнемоштени лица преку Општинските мобилни тимови. Согласно заклучокот на Владата на РСМ од 40 седница, Општинскиот штаб за заштита и спасување донесе Оперативен план за обезбедување на редарски служби на територијата на општина Гевгелија, пред маркетите, филијали на банки и пошти, како и во излетничките места, во текот на работните денови и за време на велигденските празници поради целосната забрана за движење. На седница одржана на 15.04.2020 година, во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерствто за одбрана- Армија на РСМ, беа одредени пунктовите за обезбедување на редарските служби. На оваа седница беше укажано и на потребата од позасилена контрола и превентивна заштита од пожари, пред се, од страна на ТППЕ-Гевгелија, во соработка со ЈП ШС ПЕ „Кожув“ кога се работи за шумите и шумските појаси.
Општинскиот штаб за заштита и спасување продолжува секојдневно да ја следи состојбата предизвикана од Корона вирусот, да ги операционализира и усогласува мерките на Владата на РСМ и да остварува непосредна и постојана координација и соработка со сите надлежни државни и општински органи и јавни установи. Во најголем дел, мерките на Владата на РСМ и Општинскиот штаб, од страна на граѓаните, но и правните лица, во Општина Гевгелија доследно се применуваат. Состојбата во Општина Гевгелија е мирна и стабилна, за што секако придонесува целосната транспарентност на локалната самоуправа и на надлежните државни органи и институции.