Во општина Гевгелија нема заразени од Корона вирус
Во општина Гевгелија повеќе нема ниту еден случај на заразен
од Корона вирус, соопшти д-р Сашо Олумчев, раководител на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија на денешната седница на Советот на Општина Гевгелија. Синоќа, поради одредени административни пречки, пристигна последниот резултат од контролниот тест кој е негативен, така што сите членови на четиричленото заразено семејство се целосно излечени и во Гевгелија повеќе нема заразени од Коронависрусот, нагласи Олумчев и информираше:
- За среќа, од почетокот на пандемијата, првиот случај беше импортиран, заразеното лице веднаш беше ставено во изолација и преостанатите три члена на семејството. Терапија добиваа во домашни услови и за среќа сите четворица беа излечени без поголеми последици. Веднаш по откриениот прв случај беше направена епидемиолошка анкета и утврдено дека се направени контакти со 70 лица кои беа тестирани и ставени во самоизолација. Резултатите од тестираните лица се покажале како негативни.
Инаку, од почетокот на пандемијата до денес во Општина Гевгелија биле направени дијагностички тестови на 105 лица, од кои 103 биле негативни, а за два теста се чекаат резултати. Тестовите се правени согласно утврдените алгоритми, односно покажаните симптоми и утврдената постапка за пријавување преку матични доктори.