Организираниот дотур на стока по шест месеци
Советот на Општина Гевгелија, на својата 44 седница, поради пандемијата
од Корона вирусот и вонредната состојба, ја одложи примената на Одлуката за организирање и дефинирање на условите за доставување на стока на подрачјето на општина Гевгелија, која требаше да стапи во сила на 1 мај, за шест месеци.
Оваа одлука беше донесена со цел да се надминат сегашните застои и проблеми при истоварот на стока, особено, пред супермаркетиите во централното градско подрачје. За таа цел, Советот на Општина Гевгелија на седница донесе Одлука со која се дефинираат условите за доставување (истовaрање/ товарење) на стока од моторните возила на јавните површини, начинот и времето на вршење на истоварање и товарење на стоката, како и органите кои го одобруваат времето на движење, запирање и паркирање на возилата за истоварање и товарење на стока и надзор над спроведувањето на одредбите од оваа Одлука.
Во зоната на централното градско подрачје возилата за доставување на стока можат да вршат запирање и паркирање заради доставување на стока секој ден во временскиот период од 23:00-10:00 часот. Во зоната вонцентрално градско подрачје возилата за доставување на стока можат да вршат запирање и паркирање заради во временскиот период од 23:00-10:00 часот и 16:00-19:00 часот. Максималната дозволена вкупна маса на возилата кои вршат доставување на стока на подрачјето на доставување на стока секој ден Општина Гевгелија во сите зони изнесува 12 тони.
Доставувањето на стока може да се реализира доколку со тоа не се загрози безбедноста на сообраќајот на пешаците и возилата, а одговорноста е на товар на лицето кое поднело барање за одобрување на доставувањето на стока. Стоката не смее да биде оставена на тротоар или на друга сообраќајна површина додека трае истоварање и товарење на истата. По завршувањето на истоварање и товарење возилото треба веднаш да се отстрани од јавната површина. Истоварање и товарење на стока од моторно возила се врши по правило на коловоз со вклучување на сите покажувачи на правци за движење.
Општина Гевгелија издава одобрение за движење, запирање и паркирање на возила поради истоварање и товарење на стока на подрачјето на општината на барање на правни односно физички лица. И тоа, со рок согласно поднесеното барање, но не подолго од 1 (една) година. За добивање на одобрение правните и физичките лица поднесуваат барање до архивата на Општина Гевгелија.
Спроведувањето на оваа Одлука ќе ја врши Секторот за урбанизам, заштита на животната средина, комунални дејности, сообраќај патишта, локален економски развој и информатичка технологија и Одделението за инспекциски надзор.