Родителите ослободени од партиципација за престој на децата во гевгелиските градинки
Управниот одбор на ЈОУДГ
„Детска радост“- Гевгелија на денешната седница одлучи родителите, чии деца престојуваат во градинките, да бидат ослободени од плаќање на партиципација за престој на децата во градинките за месеците април и мај, за време на вонредната состојба. При донесувањето на ваквата одлука, раководството на оваа Јавна детска установа во Гевгелија, го имаше предвид и мислењето и препораката на Градоначалникот на општина Гевгелија, велат во ЈОУДГ „Детска радост“. Имено, според анализите направени во Општина Гевгелија, пандемијата од Корона вирусот предизвика значителни последици во работењето на гевгелиското стопанство, посебно во одделни негови дејности кои се одразија на стандардот на вработените и воопшто на граѓаните во општина Гевгелија.
- Со ваквата одлука сметаме дека ќе придонесеме во општинската акција за ублажување на последиците од Корона вирусот. Имено, од плаќање на месечна партиципација за престој на децата во градинките, во износ од 1.490 денари месечно, ќе бидат ослободени 800 родители, чии деца беа запишани и беа згрижени во градинката за месец март. Тоа значи дека за април и мај нема да плаќаат никаква партиципација. Тоа не е и единствената мерка што нашата Детска установа ја презеде за ублажување од последиците. Имено, за месец март, кога децата во градинките престојуваа само до 10 март, нивните родители платија само 521 денар, колку што изнесуваа материјалните трошоци, вели директорката на ЈОУДГ „Детска радост“-Гевгелија, Бети Стефановска.
Инаку, во сите шест објекти на оваа Детска установа, покрај трите во Гевгелија, како и во Миравци, Негорци и Богородица, е извршена дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Исто така, дезинфицирана е и целата постелнина и воопшто предмети и прибори во градинките. Покрај ова, заврши и скринингот на вработените во ЈОУДГ „Детска радост“, при што беа тестирани сите 110 вработени, но резултатите се уште не се пристигнати.