Поцков: На сите можни начини ќе настојуваме да им излеземе во пресрет на гевгелиските стопанственици
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков,
по донесените мерки на Советот на Општина Гевгелија за ублажување на економските последици предизвикани од Корона вирусот и новите мерки на Владата на РСМ од последната седница, одговори на прашањата во интервјуто за локалната телевизија „НОВА 12“.
На прашањето за намалувањето на комуналните такси за даночните обврзници и во што конкретно се состои таа помош, Поцков одговори:
- И во претходното гостување во вашата емисија, истакнав дека Општината треба да помогне, а тоа да не биде нереално. Пред донесувањето на Одлуката за намалувањето на комуналните такси, иако на мој предлог, беа консултирани сите претставници на политичките партии како активни чинители во општина Гевгелија. Има еден, единствен момент каде што како Општина можевме да помогнеме во финаниските импликации во однос на решенијата кои ги добиваат фирмите. Kомуналната такса за називот на фирма на деловни простории за физички лица кои вршат дејност е намалена од 2.000 денари на 1.300 денари, комуналната такса за називот на фирма на деловни простории на физичките лица кои вршат дејност, а данокот го плаќаат во паушален износ, е намалена од 500 на 350 денари, комунална такса за називот на фирма на деловните простории на трговските друштва и други правни лица од областа на производството, прометот и услугите, од досегашните 6.000 денари е намалена на 4.000 денари. Таксата за користење на просторот пред деловните простории за вршење на дејност се намали од 7 на 5 денари од метар квадратен на ден. Намалените комунални такси ќе важат до крајот на годината бидејќи станува за еднократна даночна обврска. Исто така важно е да се истакне дека на последната седница на Советот беа донесени и двете Одлуки, родителите на децата, пријавени во детските градинки, да бидат ослободени од плаќање партиципација за месеците април и мај, односно за време на вонредната состојба.
Со дадената согласност верифицирана е Одлуката на Управниот одбор, 800 родители на децата, запишани во детските градинки, да не плаќаат по 1.490 денари за месеците април и мај, колку што чини месечната партиципација. За месец март, родителите платија само по 521 денар за материјални трошоци, за десеттината дена, колку што децата престојуваа во градинките до прогласувањето на вонредната состојба.
На прашањето колку мерките за приватните и физичките лица околу таксите ќе имаат импликации врз Буџетот, Градоначалникот истакна:
- Oколу 4.500.000 денари. Разгледувајќи гo Законот за комунални такси, Законот предвидува минимум и максимум, во сите случаи го земавме минимумот.
Во врска со изготвените протоколи за работа на угостителските објекти, Градоначалникот истакна дека планира да свика состанок со сопствениците апелирајќи им да се придржуваат на мерките. Исто така од страна на Општината ќе им биде овозможено, на сопствениците на угостителските објекти, кои веќе користат јавна површина, да можат да користат бесплатно дополнителна јавна површина на која ќе можат да постават одреден број на маси и столови за гостите. Ова го правиме се со цел, колку-толку, да им помогнеме на угостителите да ја надокнадат финансиската штета што ја претрпеа поради тоа што не работеа повеќе од два месеци, поради Корона вирусот. Следува период на десетдневна едукација околу примената на препораките и протоколите за работа на објектите. Сите оние угостителски објекти кои нема доследно да ги почитуваат пропишаните мерки за работа, ќе бидат соодветно санкционирани од трудовата, пазарната и инспекцијата од страна на УЈП.
На прашањето за урбанистичките планови, Поцков нагласи дека имаат два недостатока, едниот е во реалното планирање во однос на опфатот, а другиот е во процедурата за добивање согласност од институциите, поготово од Дирекцијата за културното наследство, бидејќи Гевгелија е специфична по археoлогијата. Моментално, околу 23 плана се заглавени, а се надевам дека до крајот на годината минимум 3 ќе поминат. За бенефитот од Програмата за прекугранична соработа преку Југоисточниот плански регион, Градоначалникот одговори дека Општина Гевгелија на последниот јавен повик на ИНТЕРЕГ-ИПА Програма за прекугранична соработка „Република Грција-Република Северна Македонија 2014-2020“, ќе аплицира со проектот „Воведување гастро-туризам како нов бренд на дестинации во прекуграничниот регион (Gastro-tour)“. Општина Гевгелија на овој повик ќе учествува како партнер во проектот, заедно со општина Пеонија, Претпријатието на заедниците на општина Солун (КЕДИТ) и Фондација за локален развој и развој на ИТ-Гевгелија (ФЛОРИТ).Покрај овој проект, општина Гевгелија на овој јавен повик ќе учествува со уште еден проект „Деловен еко-систем како интегриран систем“ (Акроним „Be In”), преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во чии рамки е планирана набавка на едно противпожарно возило.
За бенефитот од Програмата за прекугранична соработа преку Југоисточниот плански регион, Градоначалникот одговори дека Општина Гевгелија на последниот јавен повик на ИНТЕРЕГ-ИПА Програма за прекугранична соработка „Република Грција-Република Северна Македонија 2014-2020“, ќе аплицира со проектот „Воведување гастро-туризам како нов бренд на дестинации во прекуграничниот регион (Gastro-tour)“. Општина Гевгелија на овој повик ќе учествува како партнер во проектот, заедно со општина Пеонија, Претпријатието на заедниците на општина Солун (КЕДИТ) и Фондација за локален развој и развој на ИТ-Гевгелија (ФЛОРИТ).Покрај овој проект, општина Гевгелија на овој јавен повик ќе учествува со уште еден проект „Деловен еко-систем како интегриран систем“ (Акроним „Be In”), преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во чии рамки е планирана набавка на едно противпожарно возило.
Во врска со дислокацијата на Старата депонија, Градоначалникот истакна дека процедурата беше стопирана поради ситуацијата со Корона вирусот, а во текот на септември-октомври, дислоцирањето би требало да биде завршено.
По неколку прашања поврзани со проблемите во градот Гевгелија, а кои не се во надлежност на Општината, на прашањето за отворањето на границата со соседна Република Грција, Поцков одговори дека општина Гевгелија поради местоположбата, повеќето од трговските, здравствените и туристичките капацитети имаат локален економски развој и прекугранична соработка со соседите, се консултирал со министерот за Здравство и добил информации дека од 1 јуни се отвора границата за одредена категорија на луѓе кои имаат потреба од економски и бизнис-релации во Гевгелија, а нормалниот проток ќе биде по 15 јуни со почитување на мерките на Владата на Република Северна Македонија.