Почна ревитализацијата на патот Богородица-Стојаково
Започнаа изведбените работи
за ревитализацијата на патот Богородица-Стојаково- крстосница со регионалниот пат Гевгелија- Богданци. Со втората фаза ќе биде извршена целосна обнова на овој регионален патен правец кој ги поврзува општините Гевгелија и Богданци. И тоа, почнувајќи од крстосницата на патот Гевгелија-Богданци, каде што води стариот и дотраен пат за Богородица, а минува крај бензинската пумпа „Лук оил“, хотелите „Скај“ и „Принцес“ и продолжува од Богородица кон Стојаково.
И првата и втората фаза од проектот се имплементира преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2019 година од Бирото за регионален развој, а во рамките на приоритетните проекти на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. По завршување на тендерската постапка и електронската аукција, најниска цена имаше понудувачот „Друштво за градежништво и трговија ЖИКОЛ ДООЕЛ експорт импорт Струмица“ со кој беше склучен договор за извршување во износ од 4.968.475 денари без ДДВ. Додека надзорот ќе го врши проектантската фирма „Гоја“ од Гевгелија. Во наредниот период, паралелно ќе се одвива ревитализацијата на целиот пат и тоа во првата и во втората фаза од регионалниот пат, која се наоѓа на територијата на општина Гевгелија.
Ширина на коловозот на делницата за реконструкција на постојниот пат изнесува 5м и ширина на банкини минимално 0,50м. Според техничкото решение се предвидува гребење нa стариот асфалт на локалниот пат – „Регионален пат R1109 - Стојаково“ и проширување на делови до ширина од 5м и целосно асфалтирање со нов слој на асфалт од 5см. Со ревитализацијата на целиот пат ќе се обезбедат услови за поквалитетно сообраќајно движење на овој сообраќајно-фреквентен патен правец.