„НОВОМАТИК“ донираше болнички кревети и дезинфекциони средства во износ од 40.000 евра на Општата болница- Гевгелија
Компанијата „Новоматик“ која е членка
на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), а во чиј состав е и Казино „Фламинго хотел“ во Гевгелија, донираше болнички кревети и дезинфекциони средства во вредност од 40.000 евра на ЈЗУ Општа болница- Гевгелија. На денешното доделување на донацијата од страна на менаџерот на „Фламинго“, Александар Савиќ, присуствуваа градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков и директорот на Општа болница Гевгелија, д-р Митко Крџев.
Градоначалникот Сашо Поцков искажа голема благодарност кон фирмата „Новоматик“, која до сега многупати покажала висока општествена одговорност. Не само кога станува збор за донации кон Општата болница во Гевгелија и згрижувањето на лицата кои беа во државен карантин, туку оваа фирма помага многу културни настани и активности на спортски екипи на територијата на општина Гевгелија. Освен тоа, оваа фирма е еден од двигателите и на локалниот економски развој во општина Гевгелија.
Директорот на Општа болница- Гевгелија, д-р Митко Крџев, изрази благодарност што оваа донација доаѓа во едно специфично време на пандемијата од Корона вирусот и е многу значајна бидејќи се состои од 10 најмодерни електронски кревети, секој во вредност од 2.500 евра, кои ќе се распоредат во сите одделенија на болницата и со тоа ќе ги подобрат условите на престој на пациентите во Општата болница. Исто така, добиени се и огромни количини на дезинфекциони средства кои ќе послужат во спречувањето на ширењето на Корона вирусот во просториите на Општата болница.
Инаку, вредноста на донациите на „НОВОМАТИК“ во Македонија („Адмирал“, „Астра“ и Казино „Фламинго хотел“) и „АПЕКС Македонија“ изнесува 200.000 евра, а во наредниот период ќе бидат донирани и на други болници кои се вклучени во борбата против новиот Корона вирус, COVID-19.