Гевгелија останува на двајца заболени од Корона вирус
По тестирањето од Корона вирус
на 170 гранични полицајци кои вршеа должност на македонско-грчката граница и добиените резултати, во Гевгелија се евидентирани два случаја на новозаразени. Од 170 тестирани, 6 се позитивни, од кои веќе познатите двајца од Гевгелија, а останатите 4 се од други градови во државата. Сите странски полицајци кои вршеа должност на македонско-грчката граница, се негативни. На сите лица кои имале контакти со двајцата новозаболени од Гевгелија, им е направена епидемиолошка анкета и се ставени во изолација. Ова го потврди епидемилогот и раководител на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија, д-р Сашко Олумчев.
По шпекулациите на гевгелиската јавност дека во градот има повеќе заразени од Корона вирус, градоначалникот на опшртина Гевгелија, Сашо Поцков, на својата Фејсбук- страница пренесе апел до граѓаните истакнувајќи:
- Апелирам до гевгеличани да не се шират лажни вести кои ќе создадат беспотребна паника, а за новите информации околу заболените да се информираат само од надлежните стручни служби. Повикувам на разумност и доследно почитување на мерките за спречување на ширењето на вирусот. Задолжително носење заштитна опрема (маски и ракавици), редовно одржување на личната хигиена и дезинфицирање на рацете со антибактериски средства, без масовни собирања и групирања се значајните правила кои имаат улога во борбата со Корона вирусот. Еднаш, успешно го победивме непријателот, се надевам дека и овојпат ќе ја добиеме битката.