Одржувањето на уличното осветлување во континуитет
На 46 седница на Советот
на Општина Гевгелија се дискутираше за состојбата со јавното осветлување во населените места во општина Гевгелија.
Одржувањето на јавното улично осветлување во Општина Гевгелија се спроведува редовно и континуирано. И тоа, на територијата на целата општина, односно, како во градот, така и во сите населени места во општината и во планиските туристички места Конско, Хума, Серменин и Смрдлива Вода. Со ваквиот начин на работење ефикасноста во уличното осветлување е значително зголемена. Истовремено, мрежата на јавното улично осветлување во целата општина е во добра состојба.
Одделението за комунални работи и локални патишта на општина Гевгелија, ја следи состојбата со уличното осветлување и навремено презема мерки за подобрување на состојбата, како во градот, така и во населените места во општината. Контролата на уличото осветлување се врши двапати неделно и по констатирана состојба се врши замена на прегорените сијалици. Исто така, се постапува и по поединечни барања на граѓаните, кои се обраќаат преку Систем 48 или своите барања писмено или усно ги доставуваат до општинската администрација.
Заклучно со месец мај, односно во периодот јануари-мај, 2020 година, извршени се 868 интервенции на уличното осветлување во Општина Гевгелија. Сите дефекти се отстранети веднаш, а паралелно се врши и замена на старите со штедливи светилки. Интервенциите ги врши ДТПУ „ЕЛПРОМ ИНЖИНЕРИНГ“ ДООЕЛ Гевгелија која по спроведената тендерска постапка даде најповолна понуда.
Покрај редовното одржување на мрежата на уличното осветлување, во Општина Гевгелија се врши и проширување на мрежата на улици, кои досега немаа инсталирано улично осветлување. Проширувањето на мрежата се врши согласно Програмата за уредување на градежното земјиште во општина Гевгeлија, во 2020 година. Имено, според планираните активности, се инсталираат нови линии за улично осветлување на предвидените локации или улици кои се уште не се дел од мрежата на уличното осветлување.
Во Општина Гевгелија се врши и континуирана замена на дотраените светилки со нови штедливи светилки. На булеварот „Гевгелија“, од влезот во градот до кружниот тек, извршена е замена на постојните светилки со нови 94 лед арматури од 100 w 150 w. Исто така, замена е извршена и на прегорените арматури на булеварот, од кружниот тек до зградите во населбата „Караорман“. Старите натриумови арматури од 250 w се заменети со лед-арматури. Со ваквата замена е обезбедено поквалитетно осветлување, заштеда на електрична енергија до 70%, како и намалување на трошоците за нивно сервисирање.
Во овој период целосно е осветлен игралиштето во ООУ„Крсте Мисирков“ во Гевгелија со нови лед-рефлектори. Ново осветлување е поставено и на игралиштето во ООУ„Владо Кантарџиев“, кое по затворањето поради воведените заштитни мерки од Корона вирусот, новиот систем е ставен во мирување. Во наредниот период е планирано осветлување на сите училишни игралишта во населените места, како и поставување на нови сијалични места каде има потреба од истите.