Подобрено водоснабдување во населените места
Водоснабдувањето во
населените места е значително подобрено, констатираше Советот на Општина Гевгелија, на последната седница. Исто така, се констатираше дека во текот на 2020 година, заклучно со месец мај, гевгеличани користат исправна и здрава вода за пиење со последните испитувања на исправноста на водата со земање мостри од повеќе локации како во градот, така и во населените места кои ги врши Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија.
ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија покрај градот Гевгелија, со вода за пиење ги снабдува населените места во Општина Гевгелија и две населени места од општина Богданци: Стојаково и Селемлија, освен: Петрово, Габрово, Кованец, Горничет, Конско, Хума, Семенин и Смрдлива Вода кои се снабдуваат од сопствени водоснабдителни системи.
Во поголемиот дел од населените места, водоснабдувањето е редовно и без поголеми прекини, освен во периодите кога се отстрануваат дефекти на водоводната мрежа, се вршат интервенции на водоводните линии или се приклучуваат нови корисници. Во текот на летниот период, најчесто во јули, август и септември, количините на вода се надополнуваат со бушотини со потопни пумпи. Третирањето на водата е со натриум хлорид или со хлор во гасовита состојба согласно здравствените стандарди.
Директорот на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија, Златко Зумров, истакна дека водоснабдувањето на жителите во населбата „Караорман“ која е на повисока надморска височина, Општина Гевгелија изгради водоводна мрежа, а за задоволување на потребите со водоснабдување „Комуналец“ распиша тендер за јавна набавка за монтирање на бустер-станица.