Нормализирањето на граничниот промет значајно за локалниот економски развој
- Здравствената состојба во
Гевгелија е стабилна и мирна, а што се однесува до здравствениот билтен на граничната полиција и сите други гранични служби кои ја опслужуваат границата, двајцата регистрирани случаеви, жители на општина Гевгелија, се под контрола. Останатите тестирани на Корона вирусот од нашата гранична полиција беа негативни, истакна градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, во денешното гостување во Утрински брифинг на Слободен печат заедно со градоначалниците на Гостивар- Арбен Таравари и на Велес- Аце Коцевски. Во онлајн разговорот со водителот Александар Чомовски, градоначалникот Поцков нагласи дека Гевгелија со нетрпение го очекува нормализирањето на граничниот промет преку македонско-грчката граница и воопшто на прекуграничната соработка.
- Повторното отворање на границата подеднакво е важно за локалниот економски развој, но и воопшто за животот во општината. И тоа, не само кога се во прашање казината, во кои, патем речено, имаме над 1500 вработени, кои три месеци седат дома и чекаат на протоколите за повторно отворање. Туку и бројните стоматолошки ординации, супермаркети, дуќани и други услужни дејности, кои зависат од граничниот промет и значајно придонесуваат во локалниот економски развој. Повторното отворање на границата и нормализирањето на граничниот промет, се разбира, почитувајќи ги протоколите, значително ќе придонесе за ублажување на последиците од Корона вирусот.
Притоа, тој објасни дека Општина Гевгелија, за разлика од економските мерки, кои согласно своите надлежности може да ги донесе Владата на Република Северна Македонија, донесе неколку олеснителни мерки за даночните обврзници. Намалена е комуналната такса за називот на фирми и за закуп на јавни површини. Одговарајќи пак на прашањето дали и колку пандемијата од Ковид-19 ќе се одрази на финансиското работење на Општина Гевгелија, градоначалникот Сашо Поцков одговори:
- Не очекувам драматични падови бидејќи шестмесечниот Извештај за буџетското работење покажа дека 45% од буџетските приходи се остварени. Вакви остварувања имавме и при нормално работење. Засега, изворните приходи на Општината не се загрозени бидејќи, наспроти падот на ДДВ во државната каса, во Општинскиот буџет се слеваат истите средства согласно важечката распределба. Од друга страна, во изминатите шест месеци имаме зголемена продажба на градежно неизградено земјиште и зголемени приходи од комунални надоместоци, рече градоначалникот Сашо Поцков, во разговорот за Утрински брифинг.