Нов проект за поддршка на локалните земјоделски производители
Проектот „Избери здраво – купувај локално“
што заеднички ќе го имплементираат Општина Гевгелија и Фондацијата за локален развој, е одобрен за реализација од страна на Мрежата за рурален развој, а ќе биде финансиран од „We Effect”. Општа цел на проектот е овозможување на услови за зголемување на приходите на малите фармери и привлекување на нови фармери преку воведување на иновации во земјоделството и руралниот развој. Целни групи се производители на храна од гевгелискиот регион, како и потрошувачи кои имаат интерес да купуваат храна од локален производител, на кои квалитетот и начинот на производство им е приоритет.
Проектните активности опфаќаат избор на заинтересирани мали производители на храна за учество во проектот, како и нивна обука, изработка на концепт и интернет базирана платформа за комуникација на линија производители – потрошувачи и овозможување на директна продажба, изработка на видео за промоција на системот, како и студија за утврдување на клучни ризици и понудени можни решенија за постигнување одржливост на системот.
Ваквиот проект ќе се реализира како резултат на најновите случувања на глобално ниво кои наметнаа потреба за приоритизирање и поддршка на секторите и традиционално присутни во нашиот регион, а се под удар на пандемијата со COVID – 19 вирусот. Бидејќи, земјоделството и производството на храна во овој регион е секторот кој со години беше двигател на локалната економија.