На повидок нови инвестиции во образовните институции
Во текот на летниот распуст,
на повидок се нови инвестиции во сите основни и средното училиште во општина Гевгелија за подобрување на условите во образовните институции. Станува збор за различни активности предвидени во училишните објекти како: ревитализација на кровната конструкција, уредување на дворовите, реконструкција на санитарните јазли и обновување на мебелот.
Така, во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, во план е набавка на опрема во угостителската сала, по завршувањето на тендерските постапки кои се во тек, ќе се реконструираат тоалетите и соблекувалните во училишната спортска сала, ќе се постават нови завеси во новите доградени училници и ќе се замени столаријата во помошните простории.
Во подрачното училиште „Крсте Мисирков“- Моин, по завршувањето на тендерската постапка која е во тек, ќе се изврши целосна реконструкција за замена на азбестните табли на дотраениот кров во старото училиште. Училиштниот двор во ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија по завршувањето на тендерската постапка ќе биде партерно уреден, а исто така ќе се добие и нова ограда на дел од училиштниот двор.
Ќе бидат реконструирани тоалетите во Централното училиште „Климент Охридски“- Миравци со комплетна промена на санитарните јасли, а во ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци ќе се изврши замена на азбестните табли на дел од кровната конструкција на објектот. Нова столарија ќе добие и ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија.
За овие активности кои ќе се реализираат во наредниот период, образовните институции ќе издвојат финансии од сопствениот буџет се со цел учениците кога ќе се вратат во училишните клупи да добијат подобри услови за време нивниот престој при одвивањето на наставата.