JЗУ Општа болница- Гевгелија успешно се справува со пандемијата
При денешната посета
на министерот за здравство, д-р Венко Филипче, на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија, констатираше дека здравствената институција и вработениот медицински персонал успешно се справуваат со висината на задачата која ја наметна Корона вирусот. На средбата присуствуваа директорот на ЈЗУ Општа болница- д-р Митко Крџев, раководителот на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија- д-р Сашко Олумчев, останатите раководни лица и вработениот медицински персонал. На состанокот присуствуваа и локалните медиуми од општина Гевгелија кои имаа можност на Министерот за здравство да му постават неколку прашања.
Министерот Филипче истакна дека Општата болница во Гевгелија е пример по кој треба да се огледаат останатите болници во државата. Задоволен од соработката помеѓу персоналот во болницата, организираноста и професионалноста во спроведувањето на протолокот за работа за време на пандемијата од Корона вирусот истакна:
- Навременото споделување на информациите, брзата идентификација на заболените, точните епидемиолошки анкети со контактите и преземањето мерки околу нивната изолацијата, а и навремениот скрининг од Ковид-19 на медицинскиот и помошниот персонал придонесоа Општата болница во Гевгелија успешно да се справи со Корона кризата и да нема ниту еден заболен од здравствените работници.
Секако, тука влијание има и добрата коорднираност на Општина Гевгелија, заедно со Општинскиот кризен штаб и преземањето мерки и активности за спречување на ширењето на Корона вирусот.
Министерот укажа и на потребата за внатрешна организација за работата на болницата, особено во текот на летните месеци и есента, бидејќи дополнителен притисок на медицинскиот персонал ќе им направат заболените од сезонски грип и морбили.
При посетата на реновираните одделенија и опремени простории, истакна дека е горд што во текот на две ипол години се реализираа повеќе инвестиции во Општата болница- Гевгелија и оваа институција полека станува современа болница која нуди квалитет во услугите за пациентите и услови за професионална работна атмсфера.
Локалните медиуми од Гевгелија му поставија неколку прашања на Министерот поврзани со Корона кризата во наредниот период. На прашањето за зголемување на бројката на заболени во наредниот период откако се отворија границите, одговори дека не очекувал такво нешто бидејќи најголемиот ризик за оптоварување на здравствениот систем не се пациентите кои доаѓаат како туристи, туку оние од локалната трансмисиона средина. Нагласи дека Република Северна Македонија меѓу последните ги отвори границите и дека мора да се живее почитувајќи ги заштитните мерки, бидејќи вирусот ќе биде долго присутен меѓу нас.
Во врска со отворањето на градинките, истакна дека иако се изготвени Протоколите за работа, не верува дека за бргу време ќе почнат со работа поради фактот што децата како потенцијални преносители на вирусот, можат да ги заразат своите родители или обратно.
Матичните лекари од Гевгелија искажаа голема благодарност за воведувањето на новиот систем „медицински рецепт“ како уште една функционална алатка во борбата против Корона вирусот.