OK на ВМРО-ДПМНЕ - Гевгелија со лаги ја злоупотребува Општина Гевгелија во предизборната кампања
ОК на ВМРО-ДПМНЕ- Гевгелија,
вчера, на нивната Фејсбук - страна објави лажна вест која Општина Гевгелија ја демантира и најостро ја осудува ваквата манипулација со фактите.
Имено, Општина Гевгелија со Планот за јавни набавки во 2019 година предвиде набавка на реквизити за детски игралишта во вредност од 826.000 денари со ДДВ и согласно расположивите буџетски средства беше подготвена спецификација на видот и се спроведе постапка за јавна набавка со проценета вредност на набавката од 808.559,60 денари со ДДВ. Во оваа постапка учествуваше еден понудувач со понудена цена од 889.720 денари со ДДВ, која беше повисока од предвидените средства, поради што постапката е поништена. Веднаш по оваа поништена започната е нова постапка за јавна набавка со истата проценета вредност, во која беа доставени 3 понуди со првично понудени цени од 684.300 до 746.000 денари без ДДВ, а по спроведената електронска аукција, конечната цена е спуштена на 503.034 со ДДВ. По конечноста на Одлуката за избор на најповолна понуда, без поднесени жалби, со понудувачот ДПТУ „МСА КОМПАНИ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје“, склучен е Договор со вредност од 503.034 денари со ДДВ, со што е остварена голема заштеда на Буџетски средства од првично предвидените 808.559,60 денари со ДДВ.
Во 2020 година, со Планот за јавни набавки, а согласно расположивите средства во Буџетот на Општина Гевгелија, предвидена е набавка на опрема за детски игралишта од ист тип и количини како претходната година во вредност од 808.559,60 денари со ДДВ. На 17.01.2020 година започната е постапка за јавна набавка, во која се добиени се 2 понуди, а на спроведената електронска аукција, конечната цена без дополнително негативно наддавање остана на 808.300 со ДДВ. По конечноста на Одлуката за избор на најповолна понуда, без поднесени жалби, со понудувачот ДПТУ „МСА КОМПАНИ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје“ склучен е Договор со вредност од 808.300 денари со пресметан ДДВ.
И во двете години сите постапки се спроведени со иста проценета вредност на набавката, а постапките за јавни набавки се спроведуваат најтранспарентно со можност за учество на сите заинтересирани понудувачи. Додека склучените договори се јавно достапни документи и истите се објавуваат во Електронскиот систем за јавни набавки. Покрај ова, секој чесен граѓанин – даночен обврзник може да направи увид во Општина Гевгелија во постапките на овие и сите други јавни набавки.
Бидејќи во тек е кампања во пресрет на Парламентарните избори, ваквото манипулативно однесување на ОК на ВМРО-ДПМНЕ-Гевгелија не може да се сфати поинаку, освен како нивен сериозен недостиг на предизборни идеи, како елементарно непознавање на законските прописи во делот на постапките за јавни набавки и работењето на локалната самоуправа или, пак, едноставно се водат од искуството кога Општината во претходниот мандат беше водена од Градоначалник-нивен кадар.
Општина Гевгелија