До крајот на јули готова тендерската постапка за ревитализација на Старата депонија
По техничкиот прием на Времената депонија,
во февруари, годинава, од страна на учесниците во реализацијата на проектот „Времена депонија за комунален отпад“ - општина Гевгелија, УНДП, ИОМ и консултантската фирма „Холингер“ беше договорено Новата депонија да профункционира до крајот до јуни. Меѓутоа, пандемијата го одложи текот на предвидените активности, поточно, на финалните работи околу ревитализацијата на Старата депонија.
Имено, доделените 400.000 евра од Владата на Република Грција за затворање на Старата депонија се веќе обезбедени и тендерската документација за избор на изведувач е подготвена. Времената депонија веќе му е предадена на ЈПКД „Комуналец“ на стопанисување, кое Претпријатие треба да обезбеди техничка вода, а по завршената тендерска постапка, Општина Гевгелија треба да го потпише договорот со фирмата „Елмотерм“ за набавка на фотоволтаични панели. Со тоа се обезбедени и последните предуслови за профункционирање на Времената депонија.
Но планираните обуки на вработените во Депонијата, како и некои други предуслови за добивање на дозвола за операторот и елаборат за интегрирана дозвола од страна на Министерството за животна средина засега се одложени. На крајот од јули, по завршената тендерска попстапка околу ревитализација на Старата депонија, се очекува работите за изградба на дополнителен заштитен ѕид на Сува Река, покривање на постојниот отпад на Старата депонија и уредување на целиот простор повторно да бидат интензивирани. Но, најверојатно е дека профункционирањето на Времената депонија, кое паралелно ќе се одвива со ревитализацијата на Старата депонија, ќе биде одложено за наесен.