Асфалтиран патниот правец Богородица-Стојаково
Со асфалтирањето заврши
втората фаза од ревитализацијата на регионалниот пат Богородица-Стојаково, од крстосницата на патот Гевгелија-Богданци, веднаш после Мостот на реката Вардар. Односно на стариот и дотраен патот кој води кон Богородица преку бензинската пумпа „Лук Оил“, хотел „Скај“, хотел „Принцес“, па се до селото и потоа продолжува од излезот на Богородица кон Стојаково. Станува збор за реализација на втората фаза од целосната обнова на овој регионален патен правец кој ги поврзува општините Гевгелија и Богданци.
И првата и втората фаза од проектот се имплементираат преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2019 година од Бирото за регионален развој, а во рамките на приоритетните проекти на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. По завршување на тендерската постапка и електронската аукција, најниска цена имаше понудувачот „Друштво за градежништво и трговија ЖИКОЛ ДООЕЛ експорт импорт Струмица“ со кој беше склучен договор за извршување во износ од 4.968.475 денари без ДДВ. Паралелно се одвиваше ревитализацијата на целиот пат и тоа во првата и во втората фаза од регионалниот пат, која се наоѓа на територијата на општина Гевгелија.
Ширина на коловозот на делницата за реконструкција на постојниот пат изнесува 5м и ширина на банкини минимално 0,50м. Како што беше наведено во техничкото решение, ревитализацијата на патот се состоеше од гребење нa стариот асфалт на локалниот пат - „Регионален пат R1109 - Стојаково“ и проширување на делови до ширина од 5м и целосно асфалтирање со нов слој на асфалт од 5см. Со ревитализацијата на целиот пат ќе се обезбедат услови за поквалитетно сообраќајно движење на овој сообраќајно-фреквентен патен правец.