Oпштина Гевгелија добро се справува со Корона вирусот
Општина Гевгелија добро
се справуваше, а се справува и понатаму со пандемијата од Корона вирусот. Оваа оценка преовладуваше во Општинскиот штаб за заштита и спасување кој континуирано ги следеше состојбите и спроведуваше сопствените и мерките на Владата на РСМ за спречување на ширењето и внесувањето на Корона вирусот (COVID-19). Исто така, и Советот на Oпштина Гевгелија кој на трипати се состана за време на вонредната состојба редовно ја следеше примената на донесените мерки и ги насочуваше наредните активности. Така, на 44 седница градоначалникот на општина Гевгелија и командант на Општинскиот штаб за заштита и спасување, Сашо Поцков, го информираше Советот на Општината дека состојбата во oпштина Гевгелија е мирна и стабилна, а навреме преземените мерки придонесоа бројот на заразените од Корона вирусот да биде минимален. Пред се, како резултат на преземените превентивни дезинфекциони мерки на улиците, јавните површини, станбените влезови, кои во општината беа применети меѓу првите во земјата.
За тоа, секако, придонесоа и дисциплината и доследната примена на мерките на Владата на РСМ и Општинскиот штаб, од страна на граѓаните, рече д-р Сашо Олумчев, раководител на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија изразувајќи јавна благодарност до граѓаните за соработката. Според директорот на Општата болница, Митко Крџев, во оваа Јавна здравствена установа, по пандемијата, е извршена целосна адаптација кон постојните капацитети и ресурси, така што навремено е излезено во пресрет на наметнатите потреби. Значајно е што немаме ниту еден заболен здравствен работник, а инаку од самиот почеток бевме редовно и целосно обезбедени со потребните заштитни средства и опрема, како резултат на општоприфатениот повик за донации почнувајќи од Општината, ЈПКД „Комуналец“, па се до бројни општествено-одговорни фирми и поединци, рече Крџев изразувајќи благодарност за донацијата која и натаму продолжува.
Општинскиот штаб за заштита и спасување продолжува секојдневно да ја следи состојбата предизвикана од Корона вирусот, да ги операционализира и усогласува мерките на Владата на РСМ и да остварува непосредна и постојана координација и соработка со сите надлежни државни и општински органи и јавни установи, рече градоначалникот Сашо Поцков.
Советот на Општина Гевгелија на 45 седница донесе Одлука за намалување на комуналните такси за називот на фирмата, како дел од Општинскиот пакет мерки за ублажување на последиците од Корона вирусот. Според донесената Одлука за утврдување на висината на комуналните такси во општина Гевгелија, комуналната такса за називот на фирма на деловни простории за физички лица кои вршат дејност е намалена од 2.000 денари на 1.300 денари, комуналната такса за називот на фирма на деловни простории на физичките лица кои вршат дејност, а данокот го плаќаат во паушален износ, е намалена од 500 на 350 денари, комуналната такса за називот на фирма на деловните простории на трговските друштва и други правни лица од областа на производството, прометот и услугите, од досегашните 6.000 денари е намалена на 4.000 денари.
Исто така, Советот на Општина Гевгелијка одлучи таксата за користење на просторот пред деловните простории за вршење на дејност да се намали од 7 на 5 денари од метар квадратен на ден. Намалените комунални такси ќе важат до крајот на годината бидејќи станува за еднократна даночна обврска.
Одлуката беше донесена по иницијатива на градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, кој информираше дека мерките произлегле по целосната анализа на состојбата и можностите за ублажување на последиците од Корона вирусот. Притоа, тој нагласи дека значаен дел од гевгелиските стопански субјекти аплицираа за економските мерки што ги донесе Владата на Република Северна Македонија. Најголемиот број од апликациите се одобрени, така што дел од мерките се реализирани или допрва ќе се реализираат. Притоа, Општина Гевгелија се стави на располагање на сите апликанти за да им помогне во реализацијата на аплицираните мерки.
Советот на Општина Гевгелија на својата 45 седница ја усвои Предлог- Oдлуката на Управниот одбор на ЈОУДГ„Детска радост“- Гевгелија за родителите, чии деца престојуваат во градинките, да бидат ослободени од плаќање на партиципација за престој на децата во градинките за месеците април и мај, за време на вонредната состојба. При донесувањето на ваквата Предлог-Одлука, раководството на оваа Јавна детска установа во Гевгелија, го имаше предвид и мислењето и препораката на Градоначалникот на општина Гевгелија, велат во ЈОУДГ „Детска радост“. Од плаќање на месечна партиципација за престој на децата во градинките, во износ од 1.490 денари месечно, се ослободени 800 родители, чии деца беа запишани и беа згрижени во градинката за месец март. Тоа значи дека за април и мај нема да плаќаат никаква партиципација. За месец март кога децата во градинките престојуваа само до 10 март, нивните родители платија само 521 денар, колку што изнесуваа материјалните трошоци.