Живот во услови на пандемија
Пандемијата од COVID-19
го сврте светот наопаку. Здравствената катастрофа, со светски размери, не ја заобиколи и Република Северна Македонија. Се разбира, и Општина Гевгелија. Наспроти сите предизвици за пристигање на Корона вирусот преку отвореноста на овој граничен простор и се уште „живиот“ мигрантски бран, Општина Гевгелија успеа да стане една од поотпорните локални заедници на овој застрашувачки вирус. Пред се, како резултат на доследноста во примената на мерките што ги носеа Владата на РСМ во услови на пандемија и прогласената вонредна состојба, но и на мерките и заложбите за нивна примена на Општинскиот штаб за заштита и спасување.
Многу позначајна е улогата на граѓаните и сите чинители во општествениот живот на овие простори кои доследно ги применуваа државните и локалните мерки. Со исклучок на помали групи и поединци, како што беше „Првомајското оро“ на улицата „Јосиф Јосифовски“ кое доби невообичаена гласност и соодветни санкции во споредба со Струшката литија, Ифтарските молитви, секакви свадбарски, матурски и „мекици“ групни прослави. За среќа гевгелиските исклучоци не предизвикаа поголемо ширење на Корона вирусот, а неколкуте позитивни случаеви главно, беа „увезени“.
Затоа и со право, командантот на Општинскиот штаб и првиот човек на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, на еднa од редовните штабски заседанија изрази благодарност до граѓаните кои ги почитуваат и се придржуваат на мерките за заштита од внесување и ширење на Корона вирусот. Но уште поголема беше благодарноста што ја упати до здравствените работниц кои преку своите најистурени делови - Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија и Општата болница во Гевгелија и нивните први луѓе успеаја да се справат со сите предизвици што ги наметна пандемијата на овие простори. Но, и да го заштитат најголемиот дел од населението.
Градоначалникот на Општина Гевгелија, истовремено повика да продолжат активностите во општината, таму каде што на почетокот од март поради застрашувачкиот поход на природниот непријател беа прекинати. Тоа значеше деактивирање на сите проекти и активности кои согласно годишните програми на општината треба да ги подобрат условите на живеење. Почнувајќи, од изградбата на Прочистителната станица и Мостот во Моин, завршувањето на сообраќајниците во туристичкиот комплекс Милци, па се до бетонирањето и асфалтирањето на сите планирани улици и доуредувањето на детските игралишта. Покрај ваквиот инфраструктурен ремонт, Општинскиот совет донесе неколку економски мерки за намалување на комуналните такси на даночните обврзници, времено ослободување од плаќање на партиципација за децата во градинките и зголемување на субвенцијата за комунални услуги на ранливите категории граѓани. И тоа, како дополнителен пакет на сите оние бројни економски мерки кои ги донесе Владата на Република Северна Македонија.
Ваквите активности недвосмислено потврдуваат дека сакале или не, мораме да се навикнеме и да живееме во услови на пандемија. Наспроти, оние кои од верски или политички побуди шират невистини дека Корона вирусот е измислена работа! Иако, вистината е повеќе од болна и трагична - во светот и во нашата земја секојдневно умираат луѓе од COVID-19. Тоа е факт што никој не може да го побие. Имајќи го пак предвид тврдењето на експертите дека Корона вирусот и натаму ќе ни се заканува, поточно се до пронаоѓањето на вакцина против оваа болест, тогаш едноставно мора да се привикнеме и да живееме во услови на пандемија. Продолжувајќи со секојдневните животни и работни активности, но и со дополнително придржување на трите заштитни правила од оваа опака болест: лична хигиена, заштитни маски и социјална дистанца.