Гевгелија ќе добие три значајни сообраќајници
Гевгелија ќе добие
три нови значајни сообраќајници кои значително ќе го подобрат и олеснат сообраќајниот режим во градот. Станува збор за улицата паралелно со коритото на Сува Река, од поранешната Касарна, па се до Мостот на Сува Река. Потоа, улицата во УБ 4, кај Детската градинка „Сончогледи“ и улицата во индустрискиот дел крај „Моински пат“ која води крај стопанските капацитети во појасот на Ракита. За сите три сообраќајници е изработена комплетна техничка документација преку МСИП Проектна единица за подготовка на техничка документација за локални патишта и улици. Имено, во мај минатата година, Општина Гевгелија аплицираше на Јавниот повик за изработка на основни проекти за локални патишта и улици со три апликации и сите три беа прифатени.
- Со изработката на комплетната техничка документација создадени се основните предуслови за реализација на овие проекти, односно за аплицирање на средства од домашни и странски програми и фондови, како и од сопствени средства. Во Програмата за локални патишта и улици во општина Гевгелија во 2020 година сите три улици предвидени се во две фази, изработка на техничка документација која веќе е завршена. Од есен започнуваме активности за заокружување на финансиската конструкција на изработените проекти, бидејќи се работи за улици од посебно значење. Стопанствениците кои поседуваат објекти во стопанската зона јужно од „Моински пат“ подолго време бараат изградба на главната сообраќајница. Исто така, од посебна важност за Гевгелија и нејзиното сообраќајно поврзување е изградбата на улицата паралелно со коритото на Сува Река, која ќе ги поврзува делот од поранешна Касарна, па се до станбениот блок и Мостот на Сува Река. Додека, пак, пробивањето на улицата кај Детската градинка „Сончогледи“ ќе придонесе за растеретување на сообраќајот на улицата „Петар Мусев“, изјави градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, при преземањето на техничката документација.