40 болнички кревети- донација од Министерството за здравство за Општа болница- Гевгелија
Mинистерството за здравство
за потребите на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија донираше 40 болнички кревети. Добиените 20 кревети, Општата болница ги распредели во Центарот за физикална терапија при здравствената институција. Останатите 20 болнички кревети се очекуваат да пристигнат наредната недела.
- Веќе направивме обнова на просториите за електро-терапија и физикални вежби, просторот со базените. Пред две години, ги обновивме и собите на Физикалната терапија во Негорци, со што овие функционални болнички кревети што ги донира МЗ, ќе значат комплетна обнова на условите за сместување и терапија на нашите пациенти во овој дел од нашата Јавна здравствена установа. Објектот на Физикалната терапија е стара градба од пред речиси пет децени. Обновата на условите за престој и терапија на пациентите е повеќе од важна. Годинава поради Корона вирусот нема навала на пациенти како секоја година, овој период, туку се врши само амбулантски прием, истакна директорот на Општа болница- Гевгелија, д-р Митко Крџев.
Минатиот месец, во Центарот за физикална терапија при ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија пристигна комплетно, нова, совремна, дигитална апаратура за рехабилитација на пациенти во вредност од 20.000 евра. Опремата е набавена преку проектот „Заеднички активности за заштита и унапредување на јавното здравје во прекуграничниот регион (IpA SHIELD II), финансиран во рамки на Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка, во која учествува ЈЗУ Општа болница- Гевгелија.