Новиот мурал со порака: „И уф арно и уф м'ка кумшијата е тука“
Со муралот „Ноќен танц“
нацртан директно на ѕидот на приватната куќа која се наоѓа на улицата „Маршал Тито“, спроти Музејот, продолжува програмата на јубилејното 15 издание на фестивалот за современи уметности „Акто“, во продукција на Факултетот за работи што не се учат.
Автори на делото се Mиле Ничевски и М.Ц., кои го реализираа овој проект како резултат на партнерство помеѓу „Бош“ фестивалот и Факултетот за работи што не се учат. Авторите на „Ноќен танц“ се инспирирани од познатата модернистичка слика на Хенри Матис насловена „Танц” (La Danse), но овојпат ставена во локален контекст реферирајќи на солидарноста за време на пандемијата, ограничувањето со физичка дистанца од два метра, алудирајќи на социјалната блискост и радоста да се живее животот со сите ограничувања.
Муралот повикува на повторно обединување во социјалните релации и блискост на комшиите, но со држење на физичка дистанца. Исто така, повикува на солидарност на комшиите, на заедништво во борбата со пандемијата која во изминативе неколку месеци потполно го редефинира секојдневното живеење. На муралот во еден дел стои и натписот на гевгелиски дијалект: „И уф арно и уф м’ка кумшијата е тука“.
На „15 Акто фестивал за современи уметности, 2020 година“ учестуваат шест града од државата: Штип, Прилеп, Велес, Кочани, Гевгелија, Скопје. Aвтори на муралите се: Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец, a се реализираат во соработка со: „Гласен текстилец“- Штип, „БОШ фестивал“- Гевгелија, „Културно ехо“- Скопје, Центар за современи ликовни уметности ЦСЛУ- Прилеп и „Јавен Простор“- Прилеп, Народен Театар-Битола, Дом на Култура- Ченто, Општина Гази Баба, Општина Велес, Општина Кочани и Дом на култура „Бели Мугри“ - Кочани.