Гевгелија да се прогласи за зелена погранична зона
Гевгелиските стопанственици бараат
прогласување на овој пограничен регион во „Зелена зона која и во услови на пандемијата од Корона вирусот ќе обезбедува непречен пограничен протек. Бидејќи, во Гевгелија и околината нема ниту еден заразен од Корона вирусот, а овој пограничен регион успешно се справи со пандемијата. Ова свое барање локалните стопанственици му го пренесоа на министерот за надворешни работи на РСМ, Никола Димитров, на средбата со стопанствениците што ја организираше градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков.
Ваквата иницијатива министерот Димитров ја оцени како разбирлива тргнувајќи од значењето на малограничниот промет за локалниот економски развој на Гевгелија. Притоа, најави дека ќе зборува со официјална Атина за оформување на пограничен регион, во кој прометот на патници од двете страни на границата ќе се одвива под посебни услови. Исто така, оцени дека на грчката јавност, посебно во непосредното соседство, треба да и се објасни дека Гевгелија нема заразени од Корона вирусот.
Стопанствениците, исто така, побараа во иднина да се отвори нов локален граничен премин преку кој ќе се одвива патнички сообраќај меѓу локалното население од двете страни на границата. За таа цел, пред десеттина година со европски пари беше изграден Мост над Сува Река, а сличен зафат беше реализиран и од другата страна на границата. Според Димитров, за оваа иницијатива треба да се разговара имајќи предвид дека во фаза на реализација веќе е отворањето на два нови гранични премини на македонско-грчката граница, Маркова нога во Преспа и кај Мајден. За отворањето на уште еден граничен премин ќе може да се разговара доколку има локален и регионален карактер, што всушност и го бараат гевгелиските стопанственици.