Општинскиот штаб за заштита и спасување апелира до сопствениците на угостителстките објекти и организаторите на традиционални настани за доследна примена на протоколите
Денеска, Општинскиот штаб
за заштита и спасување ја одржа својата редовна седница во Салата на Општина Гевгелија, на која заседаваше командантот и градоначалникот, Сашо Поцков. За работа беа предложени четири точки. Членовите на Општинскиот штаб ја дискутираа моменталната ситуација и регистрираните случаи на заболени од Корона вирус во општина Гевгелија, ја разгледаа иницијативата за поставување монтажна модуларна болница во рамките на Регионалните Ковид-центри во земјата и ги дополнија мерките кои ги спроведува Општина Гевгелија за заштита и спречување на ширењето на Корона вирусот.
Општинскиот штаб ги донесе следниве мерки и заклучоци:
- Општинскиот штаб за заштита и спасување на денешната седница беше информиран од страна на раководителот на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија, Сашо Олумчев, дека епидемиолошката состојба во општините: Гевгелија, Богданци и Дојран, на чија територија дејствува Центарот за јавно здравје, според појавените случаи на Ковид-19 досега е добра. До денес, во овие три општини вкупно се регистрирани 19 случаи позитивни на Корона вирусот, од кои 12 се веќе оздравени, додека се уште активни имаме 7 случаи, од кои 6 во Дојран и 1 во Гевгелија.
Од страна на претставниците на ОВР-Гевгелија беше побарано Општинскиот штаб да се обрати до Главниот кризен штаб за електронско проследување на донесените решенија за самоизолација од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат заради навремена контрола.
- Општинскиот штаб беше информиран и ја поддржа иницијативата за поставување монтажна модуларна болница во Гевгелија, во рамките на Регионалните Ковид-центри во земјата.
По одржаните состаноци на градоначалниците и директорите на општите болници на 16-те општини, каде што ќе бидат поставени овие модуларни монтажни болници, со претставниците на Министерството за здравство, како најповолна локација во Гевгелија беше предложен паркинг-просторот на северната страна од Општата болница- Гевгелија (кај Брза помош).
Имено, во Гевгелија се планира да биде поставен тријажен центар со стационар, по можност во близина на Општата болница и со близок пристап до потребната инфраструктура.
- Општинскиот штаб апелира до сопствениците на угостителските објекти и гостите за доследна примена и почитување на Протоколот за работа на угостителските објекти, како и на мерките за лична заштита и дистанца;
Истовремено, побара уште еднаш да биде организиран состанок со сопствениците на угостителски објекти со градоначалникот на Општина Гевгелија, претставници на ОВР- Гевгелија, ДПИ, УЈП, АХВ, ДСЗИ, Трудова инспекција, за почитување и примена на Протоколите за работа и заштитните мерки од Корона вирусот.
Исто така, Општинскиот штаб од надлежните државни органи и општински служби побара позасилена контрола на работењето на угостителските објекти, почитувањето на протоколите за работа и на законските одредби за работно време, бучава.
- Во врска со Барањето на Црковниот одбор во Давидово за организирање на традиционалниот настан по повод 2 Август – Илинден со подготвување на вечера и ручек во манастирот „Св. Илија“, како и другите слични барања за организирање на традиционалните одбележувања на 2 Август во Конско, Серменин и другите населени места, Општинскиот штаб побара настаните да се организираат строго според Протоколите за организирање на јавни и други настани на отворен простор. Односно, со задолжително носење на заштитни маски на организаторите и гостите, задолжително одржување на физичка дистанца од 2 метри, поставување на редарска служба и другите предвидени мерки.
Согласно протоколите, се забранува служење и поставување на штандови и маси со храна и пијалоци, а што се однесува до подготвување на традиционалните „курбан“ јадења, истите можат да се подготват, но без собирање и заедничко славење.
- Општинскиот штаб заклучи да продолжи дезинфекцијата на улиците и јавните површини, која ќе се изведува двапати месечно.