Во Гевгелија ќе биде поставен Тријажен центар со стационар
Гевгелија е еден од
16 градови во земјата каде ќе биде поставена монтажна модулна болница, во рамките на иницијативата на Миниистерството за здравство на РСМ за отворање на 16 Регионални Ковид-центри. По видео-состанокот со градоначалниците на општините, каде што ќе бидат лоцирани овие монтажни болници, Министерството за здравство заедно со Комисијата за заразни болести имаа состанок и со директорите на болниците. Овие активности се одвиваат во рамки на подготовките на здравствениот систем за есенскиот бран на Корона вирусот, а целта е да се обезбеди соодветен третман и тријажа на пациенти позитивни или сомнителни на КОВИД- 19, без при тоа да се компромитира редовното работење на болниците и здравјето на другите пациенти.
Станува број за дополнителни времени капацитети, односно монтажни модуларни болници или креирање на посебни патеки и услови во некои објекти.
- На видео-состанокот бевме запознаени со иницијативата, а по одржаните подготвителни состаноци веќе пристапивме и кон одредување на локацијата. Од страна на Општата болница, како најповолна беше предложена локацијата, односно паркинг-просторот од јужната страна на Општата болница. Со што, всушност, се исполнуваат двата основни критериуми – монтажната болница да биде близу Општата болница и да има непосреден пристап до потребната инфраструктура. Оваа локација, всушност, е јавна површина која не само што е сообраќајно поврзана, туку и ги има сите потребни комунални приклучоци. Како Општина, сме подготвени, заедно со ЈПКД „Комуналец“ да ги обезбедиме потребните инфраструктурни поврзувања на монтажниот објект. Од страна на Општинскиот штаб за заштита и спасување беше поддржана целата иницијатива и предложената локација, вели градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.
Според директорот на Општата болница во Гевгелија- Митко Крџев, поставувањето на ваков модул во Гевгелија е од посебно значење имајќи ги предвид најавите околу натамошното продолжување на пандемијата од Корона вирусот. Во Гевгелија, најдобро е да се постави Тријажен центар со стационар, во кој според потребите би се згрижувале пациенти со полесна и умерена клиничка слика. Станува збор за монтажен модул со големина од 30 до 15 метри кој од едната страна би можел да биде прилепен на постојната зграда на Општата болница. Моделот останува сопственост на Општата болница и во иднина би можело да се користи како мултифункционален здравствен објект, вели Крџев.
Инаку, освен монтажниот модул, ќе биде обезбедена и соодветна медицинска опрема и кадар за работа во нив. Во лекувањето на КОВИД-19, покрај инфектолози и интернисти, ќе бидат вклучени и лекари од други специјалности, како и млади кадри што се на специјализација, односно оние со положен Државен испит.