Гевгелија со 1 новозаболен од Корона, останатите двајца се од Богданци и Дојран
Во Гевгелија е евидентиран
1 нов случај на заболен од КОВИД- 19. Според денешните официјални резултати на новозаболени лица од КОВИД-19, истакнати на страната на министерот за здравство, Венко Филипче, во Гевгелија се запишани 3 новозаболени лица. По пристигнатите резултати, раководителот на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија информираше дека од Гевгелија е заболено едно лице, а останатите двајца се од Богданци и Дојран.
Двајцата новозаболени се запишани на мапата во Гевгелија поради тоа што Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија ги опфаќа општините: Гевгелија, Богданци и Дојран и населеното место Миравци.
Во моментот, со новиот евидентиран случај во Гевгелија има вкупно двајца заболени од Корона вирус, истакна раководителот на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија, епидемиологот д-р Сашо Олумчев.
По новопојавениот случај во Гевгелија, градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, упати апел до граѓаните на општина Гевгелија да бидат смирени и да не создаваат паника:
- Во нашата општина е евидентиран нов случај на заболен од Корона вирус. Апелирам до граѓаните да ги почитуваат мерките за претпазливост и спречување на ширењето на Корона вирусот. Да не се шират лажни вести кои ќе предизвикаат беспотребна паника. Како град, покажуваме дека одлично се справуваме со пандемијата, а за тоа зборува бројката на досегашните евидентирани случаи на вирусот. Навремено откриените заболени и преземените мерки за нивно изолирање и лекување придонесоа Гевгелија да остане на листата со најмал број Корона-пациенти.