Пожарот кај Моин ставен под контрола
Пожарот што, вчера,
во раните попладневни часови, избувна во околината на гевгелиското село Моин, а во непосредна близина на македонско-грчката граница, е ставен под контрола. Доцна синоќа, пожарникарите на ТППЕ- Гевгелија и шумски работници успеаја со теренски возила и напртњачи да ја локализираат огнената стихија. Во текот на ноќта, беа поставени дежурни екипи, а според утринскиот рапорт од ТППЕ- Гевгелија засега огнот е изгаснат. Но и покрај тоа, шумските работници се на теренот и го контролираат подрачјето зафатено со пожар.
Имено, огнената стихија зафати површина од над 10 хектари, главно, деградирана мешовита стеблеста шума. Ветерот во вчерашниот ден, наспроти високите температури, значително го отежнуваше гасењето на пожарот. Инаку, според очевидци пожарот избувнал на нива во месноста викана „Срнак“ од другата страна на Конска Река.Територијалната противпожарна единица- Гевгелија веднаш по дојавата излегла на терен, а во гасењето им се придружиле и вработените во ШС„Кожуф“ во Гевгелија.
Според командирот на ТППЕ- Гевгелија, Игор Ризов, пожарникарите и шумските работници настојуваа да го локализираат пожарот од неговата појава од Краварникот. Истовремено, и да се пресече неговото движење кон поранешната гранична караула. За таа цел, до мракот синоќа се работеше на теренот и успеавме огнот да го локализираме, вели Ризов нагласувајќи дека во ниту еден момент, ниту населеното место Моин во подножјето, а ниту пак напуштената караула во ритчестиот дел не биле загрозени.